Украина од утре ќе применува „рестриктивни мерки“ на потрошувачката на електричната енергија на целата своја територија по опсежниот руски напад кој тешко ја оштети украинската енергетска инфраструктура, објави денес министерството за енергетика.
„Утре, на 18 ноември, сите региони ќе мора да применат мерки на ограничена потрошувачка поради штетата настаната на електричните инсталации за време на масовниот напад со ракети и дронови“, објави украинското министерство на социјалните мрежи.
Русија го изврши најголемиот воздушен напад на Украина во речиси три месеци, лансирајќи 120 проектили и 90 дронови, во кој загинале седум луѓе и нанесена е голема штета на електричната мрежа, објавија властите.
Рускиот воздушен напад предизвикал бројни прекини во снабдувањето со електрична енергија, оставајќи луѓе без струја и греење.
Властите ја потврдија штетата на украинската „клучна инфраструктура“ нанесена во „огромниот комбиниран воздушен напад“ на руската војска и прекинот на струјата низ целата земја.