Ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски-Штраус и Анета Симеска-Димоска се ослободени од куќен притвор. За нив има нова мерка – одземени пасоши. Двајцата се осомничени во предметот за дискотеката „Пулс“, во Кочани.
Според сомненијата тие со нивните дејствија овозможиле дискотеката да работи без да ги исполнува сите услови. Нивниот ефективен притвор, првично беше заменет со куќен, а сега по одлука на судот во Кочани, а по предлог на Обвинителството е укинат и куќниот.
Трајковски денеска објави фотографии од црквата св. Петка.
„На денот на жртвата, со мисла за духовното и човечкото. Велики Петок не е само симбол на тишина и тага – туку и на длабока вера, истрајност и надеж. Во денови кога премолчени битки се водат и во тишина, вреди да се потсетиме дека само преку смирение, искреност и добрина можеме да изградиме подобро општество. Во пресрет на најголемиот христијански празник, на сите граѓани им посакувам мир, сила и благослов во домовите. Со добри дела и чиста намера се гради држава“, напиша Трајковски на „Фејсбук“.