Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу испрати писмо до Обединетите нации со кое формално побара неговата земја да се преименува во „Туркије“- „Turkiye“.
Ваквиот чекор се толкува како обид на владата во Анкара да ја ребрендира земјата и да ги оттргне асоцијациите со американската птица „мисирка“ или „turkey“ во англо-саксонското говорно подрачје, како и негативните конотации кои произлегуваат од тоа име.
Како што потврди Стефан Дујарич, портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, писмото на Чавушоглу пристигнало во светската организација и промената на името влегла во сила од истиот момент.
Турската влада и претседателот Реџеп Таип Ердоган побараа меѓународно признаеното име „Turkey“ да биде сменето во „Turkiye“ како што се пишува и изговара на турски јазик. Земјата започна да се нарекува „Туркије“ во 1923 година по прогласувањето на независноста.
Во декември, Ердоган нареди користење на „Туркије“ како варијанта која подобро ги претставува турската култура и вредности, вклучително и користењето на „Made in Turkiye“ за извозот од земјата. Турските министерства веќе го користат новото името во официјалната комуникација.
На почетокот на годинава, владата објави промотивни видеа во рамките на обидите да се смени англискиот назив.
За Турците, претходното англиско име „Turkey“ честопати имаше негативна и навредлива конотација.