Тунтев : Планот за живот во Македонија е и План за живот во Охрид

0
614
Почитувани граѓани,
 
ВМРО-ДПМНЕ без срам и намус, и без трунка совест, по трет пат ги ветува истите проекти за Охрид, што ги ветуваше и на минатите парламентарни и локални избори. Во своите изборни програми, и во 2013, и во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше преродба и забрзан развој на Охрид, но не реализира ниту еден од ветените приоритетни проекти. Нема нова современа автобуска станица, нема затворен базен за пливање, нема модерно градско пристаниште, нема покриен современ зелен пазар, нема дом за стари лица, нема индустриска развојна зона, нема ниту една катна гаража, ниту еден нов водоводен систем, ниту една нова пречистителна станица, нема скијачки центар на Галичица, нема експресен пат до Пештани и Св. Наум, го нема туристичкиот комплекс на Субрата Рој, ги нема луксузните хотели… од тоа што го ветија ништо не рализираа, па затоа сега сето тоа го ветуваат повторно, по трет пат, како нови проекти. Можеби си мислат дека повторно ќе ги потценат охриѓани, дека граѓаните на Охрид заборавиле или дека пак можат да бидат излажани?!
 
Граѓаните точно знаат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за охриѓани, туку напротив, серизоно го загрози нашето природно, културно и историско наследство, и на Плаошник, и Горица, и Студенчишта, и во Љубаништа, и Св. Наум. Поради нестручно, несовесно и неодговорно однесување на надлежните државни институции доведен е под знак прашање статусот на охридскиот регионшто е под заштита на УНЕСКО. За прв пат во официјален документ на светската организација е ставена забелешка, со којаохридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја. Ова значи чекор до губење на статусот на заштитено подрачје.
 
Поради “дил ориентид“ политиките на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, како и поради виртуелните нереални и неостварливи мегаломански проекти за медитерански плажи, туристички комплекси, престижни хотели, зимски центри, монденски марини, аеродроми на вода и парапетче околу езерото, Охрид секоја година e на првото место по бројот на иселени луѓe во нашата држава. Наголемо ветуваната економска преродба и економски развој на Охрид се трансформираа во економска стагнација на градот и најголемо иселување на млади образовани луѓе. Во последните 10 години, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, од Охрид се иселени преку 7 илјади луѓе, што значи дека просечно од нашиот град секој ден си заминуваат по двајца наши сограѓани.
 
Затоа, крајно време е оваа ненародна и режимска власт да си замине. СДСМ има План за живот во Македонија, за младите да останат овде, а тие што заминаа да се вратат. Охрид заслужува да биде град на младоста, град на надежта, град на иднината. Охрид заслужува да биде на листата на УНЕСКО, како главен центар на нашето природно, културно и историско наследство.
 
Планот за живот во Македонија е и План за живот во Охрид. Нашиот план превидува:
 
      – Гасификација на установите, институциите, индустриските објекти, туристичките објекти и објектите за домување во Охрид, што значи драстично намалување на енергетските трошоци;
     – Позиционирање на Охрид како регионален и европски здравствен туристички центар, преку вмрежување на сите постоечки специјализирани здравствени установи, cо изградба на Дом за стари лица и две нови специјализирани здравствени установи, во функција на профилирање на Охрид на светскиот туристички пазар како препознатлива здравствена туристичка дестинација.
   – Промоција на “Еколошки чист Охрид и Охридско Езеро”, преку изработка на проект и програма, со одредување на локација за изградба на регионална депонија и современ капацитет за преработка на отпад; со реконструкција, санација и доградба на колекторскиот систем за пречистување на отпадните води во езерото и изведување на независни пречистителни станици во населените места надвор од колекторскиот систем.
      Целосна ревизија на сите актуелни законски одредби од сферата на заштитата на природното, историското и културното наследство на Охрид, и целосна ревизија на сите капитални инфраструктурни проекти кои би можеле да нанесат голема штета на Охрид и Охридското Езеро.
     – Соодветно транспортно поврзување на Охрид со изградба на современа и модерна патна инфраструктура, во рамките на предвидените инвестиции во патниот сектор во вредност од 3 милијарди евра за 10 години, што ќе обезбедат изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта во Македонија, како и преку забрзан развој на воздушниот и водниот сообраќаен транспортен систем.
     – Поддршка на сите млади кои сакаат да основаат свој бизнис во Општина Охрид. Тоа ќе се одвива преку поддршка на домашните фирми, со отворање на нови работни места во домашните фирми, затоа што со програмата се испланирани 140 милиони евра за поддршка на домашните фирми.
 
Домашните микро, мали и средни претпријатија ќе бидат носители на економскиот развој во Македонија. Во првата година од мандатот ќе ги стимулираме со годишна поддршка од 20 милиони евра. Таа помош планираме да достигне до 50 милиони евра во последната година од мандатот. За да поттикнеме отворање нови домашни претпријатија, предвидуваме отворање старт-ап центри, каде што новите фирми, во првите години од основањето, нема да плаќаат за деловен простор и други потребни услуги, како сметководство, архива, одржување. Ќе овозможиме отворање фирма со само 1 евро основачки капитал. Ќе овозможиме исто така кредити до 15.000 евра со само 1 процент годишна камата, за отворање микро бизнис. Им подаваме рака и ги мотивираме младите да отворат сопствен бизнис. Предвидуваме по 10.000 евра неповратни пари за млади луѓе со добра бизнис идеја. Младите луѓе ќе добијат шанса и во старт ап центрите, и при отворањето фирма со 1 евро основачки капитал, и при кредитирањето со само 1 процент камата. Ќе овозможиме секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од четири месеци по завршување на школувањето. Со ова овозможуваме активност на секој млад човек, веднаш по завршувањето на високото образование и отвораме пат за нивен професионален развој.
 
Нашата цел е да создадеме услови за младите да останат да живеат и работат во Македонија. На тој начин ќе го запреме масовното иселување на младите стручни лица од Охрид и ќе овозможиме вистински економски развој на градот и подигнување на животниот стандард на охриѓани.
 
Почитувани граѓани, на изборите на 11 декември заокружете го бројот 4. На тој начин гласате за можноста нашите деца да останат во Охрид. На тој начин гласате за живот во Македонија, достоинствен живот за сите.
Томислав Тунтев, кандидат за пратеник на ИЕ5