Тројца загинати и 17 повредени во терористичкиот напад во Виена – застреланиот напаѓач симпатизер на ИД

0
607

Тројца цивили – двајца мажи и една жена – загинаа во синоќешниот напад во центарот на Виена, соопшти началникот на градската полиција.

Бројот на повредени во терористичкиот напад во Виена се искачи на 17Во текот на ноќта беше објавено  дека 15 лица се пренесени во виенски болници со прострелни рани и дека седум се тешко повредени.

Портпаролот на Здружението на виенски болници, Кристоф Миро, за агенцијата АПА изјави утрово дека виенските болници примиле 17 повредени лица, од кои најмалку шест се со сериозни повреди. Меѓу тешко повредените е и еден полицаец, кој се уште е во критична состојба.

По терористичкиот напад што се случи синоќа во центарот на Виена, во кој беа убиени три лица и еден напаѓач, австриската полиција претресе станови и уапси неколку лица.

Министерството за внатрешни работи утрово потврди дека биле извршени претреси во неколку станови кои се поврзани со убиениот напаѓач. Во полициската акција уапсени се неколку лица, јавија австриски медиуми.

– Синоќешниот напад во Виена беше „исламистички терор“ и однесе три животи, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер на прес-конференција одржана рано утрово.

Нехамер рече дека полицијата пронашла јасни докази оти напаѓачот кој беше застрелан непосредно по почетокот на нападот „е радикализирана личност и симпатизер на Исламска држава“.

Министерот рече дека полицијата била во можност брзо да го идентификува мртвиот напаѓач и открила докази при претрес на неговиот стан и видеа испратени од сведоци.

Официјални лица одбија да го откријат идентитетот на осомничениот бидејќи сè уште траат истраги, а полицијата не ја исклучи можноста други напаѓачи да се сè уште во бегство. Полицијата ги повика луѓето да продолжат да на излегуваат од дома.

Нехманер рече дека Австрија нема да толерира таков напад врз демократските слободи на земјата.

– Нема да дозволиме нашите слободи и основни права да бидат украдени со такви напади, подвлече тој.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц соопшти дека армијата ќе ја преземе заштитата на објектите и локациите во Виена.

– За да може полицијата целосно да се концентрира на борбата против тероризмот, Владата донесе одлука армијата да ја преземе заштитата на објектите во Виена, изјави Курц.

Тој ги осуди вооружените напади во центарот на Виена како „гнасни терористички напади“ и истакна дека полицијата одлучно ќе дејствува против извршителите на овој грозоморен терористички акт.

Австрија ќе знае да ги одбрани демократијата и слободата, изјави синоќа австрискиот претседател Александар ван дер Белен, по вооружениот напад во центарот на Виена.

Ван дер Белен на Твитер напиша дека е длабоко погоден од терористичкиот акт и сочувствува со жртвите и повредените, како и со нивните семејства.

– Заедно и одлучно ќе ги браниме нашите слободи и демократија со сите средства, истакна Ван дер Белен. Тој додаде дека е во постојан контакт со Владата и им се заблагодари на сите странски лидери за пораките за солидарност и сочувство.