Трогателни исповеди во Битола и порака од Заев: Има решителност за промени

0
1311

Bitola3-685x320

“Остаревме со истите проблеми“. Емотивни трогателни исповеди слушна претседателот на СДСМ, Зоран Заев за средбите со лицата со инвалидитет и родители на деца со посебни потреби во Битола. Го придружуваа потпретседателот Александар Кирацовски, организацискиот секретар Миле Зечевиќ, претседателката на Комисијата за труд и социјална политика Мила Царовска, пратениците Васко Ковачевски и Јулијана Силјановска.

-Чевлите што ги носам на мене се распаѓаат. И зиме и лето сум со истите чевли, рече наш сограѓанин.

Станува збор за специјални чевли што ги носат лицата со инвалидност, за коишто граѓаните кои го имаат овој проблем треба да доплатат, но се скапи. Овие луѓе велат дека законските измени не го решиле проблемот на 80 проценти од инвалидизираните лица, кои живеат со мала социјална помош. Се пожалија дека многу тешко стигнуваат до инвалидска пензија.

Bitola6

За проблемите на слепите лица зборуваше претседателот на регионалното Здружение на слепи за Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар.Ја сподели својата животна приказна. Вели дека не гледа последните 8 години. Бил балкански првак во бокс. Но болеста го оставила дома, изолиран цели три години. Вели дека од голема помош би биле рехабилитациски центри што ќе им помогнат на луѓето да ја прифатат непосакуваната реалност. Но во Македонија такви не постојат.

-Слепилото не е хендикеп. Од голема помош би ни биле асистенти за да функционираме. Но во Македонија и тоа нема. Ги има во Бугарија, ги има и во Србија.

Слепите лица посочуваат дека треба да се озваничи браевото писмо, да го има на секој лек, на прехрамбените производи, на банкоматите.

“Македонија некогаш беше прва по законските права за лицата со инвалидитет и со посебни потреби, но сега длабоко заостана“ зборуваа луѓето на средбата. Велат дека државава ја потпишала меѓународната конвенција што треба да ги обезбеди нивните права. Таа е само делумно преточена во законски решенија, но и тие не се почитуваат. Меѓу загрижувачките тенденции се наведува доцнењето на исплатата на придонесите. Поради ова во тек се масовни отпуштања. Само во Битола последниов период се отпуштени 30-тина лица со инвалидитет.

Мајка на дете со посебни потреби сподели дека во Дневниот центар во Битола последниве месеци немало топол оброк, а сега храна им ја носат од народни кујни. Нема ни превоз за децата. Во центрите нема спортски активности. Од тие причини децата остануваа дома, изолирани. Рехабилитацијата во Охрид не предвидува пливање, само пасивни вежби што можат да ги прават и дома.

-Не постојат специјални станови со лифтови што би ни го олесниле движењето. 40 години, само јас знам како го симнувам и качувам детето, вели мајката.

Од Здружението на глуви се пожалија на неквалитетни апарати за слушање. Подобрите се плаќаат. Кажуваат дека тие се вредни работници, кои извршуваат дури и потешки работни задачи, но сепак земаат помала плата плата од останатите вработени.

Овие скромни луѓе велат дека не очекуваат `се да се реши. Но ги боли тоа што нивните потреби се потиснати под скапите камени луксузи на власта.

-Ова се секојдневни потреби. Државата е должна да обезбеди достоинствен живот за своите граѓани. За СДСМ клучни во политиките ќе бидат интересите на граѓаните, вети претседателот Заев.

На Широк сокак, претседателот Заев се сретна со битолскиот еснаф и со младите. Слушна како се намалуваат купувачите и прометот, како се празни Битола, како лекарите и младите заминуваат во странство. Претседателот Заев ги објасни актуелните политики и ставови на СДСМ и опозицијата.
-Решителност има да се случат промените, порача претседателот Заев.

Средбите се дел од консултациите со граѓаните за решенијата во новата Програма на СДСМ.