ТРЕНЧЕВСКА : ЦЕЛТА Е ДА КРЕИРАМЕ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ КОЕ ЌЕ СОДРЖИ ТОЧНИ И ПРЕЦИЗНИ ОДРЕДБИ И НЕМА ДА ОСТАВИ ПРОСТОР З АИСТИ ПРАШАЊА ДА ИМА РАЗЛИЧНИ ТОЛКУВАЊА

0
438

Во Клубот на пратеници денеска се одржа јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение, пред претставниците на адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружение на млади правници и здружение на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска упати на важноста на оваа јавна расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите кои го применуваат законот, како и на професорите теорeтичари на трудовото право, а во насока на креирање на квалитетно законско решение и негова успешна имплементација. „Целта е да креираме законско решение кое ќе содржи точни и прецизни одредби и нема да остави простор за исти прашања да има различни толкувања. Носиме системско решение кое ќе одговори на потребите на современото општество, “ истакна Тренчевска.

Дел од новините со Предлог законот за работни односи се времетраењето на договорите на определено време, односно од досегашните пет години, се скратува на две години и обновување на договорите три пати во рокот од две години. Промена има и кај договорите за вработување на определено време за вршење на сезонски работи, и можноста работодавачот да ги плаќа придонесите на сезонскиот работник сите 12 месеци, со обврска дека работникот и следната сезона ќе работи за истиот работодавач. Работниците на неполно работно време, во однос на правата и обврските од работниот однос, се изедначуваат со работниците на полно работно време, освен кај платат и надоместоците од плата кои се пропорционални со работните часови на работникот. Се воведува и работата од далечина, како одговор на потребите кои произлегуваат од  развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид кризата.