ТРЕНЧЕВСКА : УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, ЕДНАКВОСТ И БОРБА ПРОТИВ СЕКАКОВ ВИД НА НАСИЛСТВО Е НАШ ПРИОРИТЕТ И ОДГОВОРНОСТ

0
556

Министерката за труд и социјaлна политика, Jованка Тренчевска денеска имаше воведно обраќање на тркалезната маса на тема „Заедно до брзо решение на насилството врз жените и семејното насилство“, организирана од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност.

Министерката Тренчевска истакна дека брзите решенија во справувањето со насилството врз жените, се приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика и не само справување со акутното насилство туку и долгорочно решавање на секој индивидуален случај на насилство врз жените.

„Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство се јавува во сите општества дури и во најразвиените држави можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување,“рече Тренчевска.

Република Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истамбулска конвеција) за која во декември 2017 година, Собранието на Република Северна Македонија го усвои Законот за ратификација. Инструментот за ратификација беше предаден на 23 март 2018 година, а Конвенцијата влезе во сила на први јули 2018 година.

Во насока на имплементација, Владата на Република Северна Македонија во 2018 година усвои „Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насислтвото врз жените и домашното насилство на Република Македонија 2018-2023.

„Врз основа на активностите кои произлегуваат  од  Првата стратешка цел на  Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата  во 2021 година донесен е Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Законот e целосно усогласен со Истанбулската конвенција и има за цел проширување на системот на превенција и заштита на сите облици на родово базирано и семејно насилство, “истакна Тренчевска.

Таа рече и дека Министерството за труд и социјална политика посветено работи на унапредувањето на системот за справување со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство. Во тој контекст се подготвија пет (5) подзаконски акти кои се однесуваат на итните и привремени мерки за постапување и дополнително се работи интензивно на уште 3 подзаконски акти со што ќе се обезбеди сеопфатен пристап, координиран мултидисциплинарен одговор како и систем за градење на капацитетите на професионалците, интегрирано собирање на податоци како и реинтеграцијана жртвите на родовото базиранто насилство врз жените и семејното насилство во согласност со меѓународните стандарди.

„Министерството за труд и социјална политика на територијата на Република Северна Македонија има воспоставено специјализирани сервиси за жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство во 7 плански региони на територијата на РСМ. Воспоставени се 13 Центри за жени жртви (и нивните деца) на семејно насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство, 8 специјализирани советувалишта  за психо-социјален третман за сторители  на семејно насилство,“ рече Тренчевска.

Министерката порача дека Министерството за труд ќе продолжи со поддршката на здруженијата на граѓани коишто даваат услуги за жртвите на родово базираното насилство согласно Законот за социјална заштита. Заложбата на министерството е унапредување на човековите права, еднаквост и борба против секаков вид на насилство.