ТРЕНЧЕВСКА : РАЗВОЈОТ НА ЛОКАЛНИТЕ СОЦИЈАЛНИ УСЛУГИ ГИ ОБЕДИНУВА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ ВО ГРАДЕЊЕТО НА ЗАЕДНИЦАТА

0
488

Поддршка за развој на одржливи и квалитетни социјални услуги во локалните заедници според потребите на граѓаните и размена на искуства и практики меѓу општините, како даватели на социјални услуги, беше главна тема на настанот „Инвестирање во локални социјални услуги“ , на кој покрај министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваа и претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава , Нафи Сарачини, градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, претставници на општините и ЗЕЛС, експерти од областа на социјална заштита и граѓански организации.

Децентрализацијата и модернизацијата на социјалните услуги во заедницата е во срцето на Законот за социјална заштита (ЗСЛ), кој веќе се применува три години. Воспоставени се многу нови социјални услуги на локално ниво, посебно во сферата на услуги во домот, кои е неопходно рамномерно да се воспостават во сите општини на ниво на држава.

Министарката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во своето обраќање нагласи дека развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градењето на заедницата. Затоа, локалните самоуправи како први меѓу еднаквите на подрачјето на кое делуваат заедно со своите партнери од граѓанските организации се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани.

„Како поддршка на овој процес Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период спроведе активности за поддршка на општините во изработка на Локалните социјални планови, а дополнително се изготвени и Прирачник за зајакнување на капацитетите за социјална заштита на локално ниво, Упатство за функционирање на општинските совети за социјална заштита, Прирачници и Упатство за функционирање на советите за социјална заштита на планските региони како и  Водичот за лиценцирање на даватели на социјални услуги во заедницата. Сите овие документи се изготвени да го олеснат и подобрат процесот на развојот на социјални услуги во заедницата и се достапни на веб страната на Министерството за труд и социјална политика,” рече Тренчевска.

Преку донаторска помош, осумнаесет општини развија, или се во фаза на развивање, Локални социјални планови, а дополнителни 24 општини поддржаа развој на нови даватели на социјални услуги, од кои 15 даватели на услугата за  помош и нега во домот и еден Центар за дневен престој на деца со попреченост, а развиени се и 10 нови даватели на услуги во делот на помош и нега и одмена на семејна грижа.

Министерката ја потенцираше двојната придобивка во испораката на социјалните услуги на локално ниво, а тоа ангажирање на тешко вработливите лица од заедницата како даватели на услуги и помошта која ја добиваат корисниците на социјални услуги.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Нафи Сарачини, нагласи дека поддршката на ЕУ за МТСП е голема и ќе остане така и во иднина. Тој истакна дека во Унијата постојат различни методи на координација во сферата на социјалните услуги, но политиките на членките се индивидуални, а се водат според заеднички принципи. Еден од тие принципи е и принципот на  недискриминирачка социјалната асистенција, а тоа значи да е пристапна таму каде што е најпотребно, т.е. на локано ниво.

Според него деинституционализацијата и децентрализацијата се главни принципи за успешни реформи и воведување социјални услуги во заедницата. Тој потсети дека Унијата ги поддржува и политиките за младинско вработување и социјалениот дијалог на локално ниво, а исто така ЕУ обезбеди и директна поддршка на физичките капацитети на центрите за социјална работа.

Сарачини најави дека во ИПА 3 е предвидена поддршка за развивање и воспоставување успешен систем на мониторинг и известување во спроведувањето на социјалните услуги.

„Од аспект на европската помош, најголем напредок се гледа во социјалната сфера. Се надевам дека интересот за унапредување и подобрување на социјалните политики ќе остане и понатаму, со поддршка од ЕУ.“ рече Сарачини.

Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров, истакна дека Општина Демир Капија останува силен поддржувач на процесите на деинституционализација и децентрализација. „Лицата од ранливите категории се во центарот на нашето вниманието и оттука мапирањето на нивните потреби е наша цел на која посветено работиме. Продолжуваме и понатаму да работиме на уште поголема инклузија и интеграција на сите граѓани без разлика на пол, вероисповест, националност, со цел остварување на нивните човекови права,“ рече Петров.

Вториот дел од настанот, со учество на шеесетина претставници од општините и даватели на социјални услуги, беше посветен на размена на искуства меѓу претставници од 22 општини, според методологијата „World Café“. Ова е првиот, од планираните три настани, кои ќе ги поддржат локалните самоуправи да ги мапираат локалните потреби и постоечките социјални услуги, да развијат локални социјални планови и нови услуги во заедницата,  да ги идентификуваат давателите на социјални услуги и да понудат одржливост и понатамошен развој на веќе воспоставени услуги кои во моментов се финансираат преку грантови.

Настанот го организираше проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ финансиран од ЕУ, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Европската делегација, во соработка со ЗЕЛС.

Проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ го спроведува ЕПТИСА во конзорциум со CARE.