ТРЕНЧЕВСКА ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА : СОЦИЈАЛНА ПРАВДА ИМАМЕ КОГА СЕ ОТСТРАНЕТИ БАРИЕРИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВАМЕ ВРЗ ОСНОВА НА ПОЛ, ВОЗРАСТ, ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ И ПОПРЕЧЕНОСТ

0
427

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска по повод Меѓународниот ден на социјална правда имаше отворен ден за посета на граѓани од ранливи категории.

По тој повод таа истакна дека, социјална правда имаме кога се отстранети бариерите со кои се соочуваме врз основа на пол, возраст, етничка припадност и попреченост.
„Кога зборуваме за социјална правда, зборуваме за сите политики и мерки кои значат вработување, искоренување на сиромаштијата, социјална вклученост, градење на поправедно и вистински хумано општество за сите наши граѓани,“ порача Тренчевска.

На средбата со Анабела и Горде кои живеат во станбените единици на НВО „Порака-Волково“, се разговараше за живеењето во заедницата, за нивната ангажираност во продажбата на списанието „Лице в лице“, за секојдневието и дружењето со другите членови од Порака, за нивните желби и планови.
Преку процесот на деинституционализација во нашата држава воспоставени се 53 станбени единици за живеење со поддршка за деца и лица со попреченост. Во следниот период планирано е отворање на три нови станбени единици во Скопје во рамки на Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади. Процесот особено се интезивира од воспоставувањето на социјалната реформа.

Министерката Тренчевска се сретна со една од жените жртви на семејно насилство, која по претрпеното насилство од својот сопруг била загрижена и заштитена во засолниште. За време на нејзиниот престој во центарот за жртви на семејно насилство, пружана и е психосоцијална поддршка, како и подршка околу зајакнување на нејзините капацитети и околу вработување. Денеска таа живее слободно, работи и се грижи за своето дете.

„Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство се јавува во сите општества дури и во најразвиените држави можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување, “ порача Тренчевска.
Целта е специјализираните сервиси да бидат достапни на целата територија на државата. Центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолниште) под МТСП се 9, и уште 5 од граѓански сектор. Ги покриваат сите 8 плански региони на РСМ.