ТРЕНЧЕВСКА : НАЈГОЛЕМ ДЕЛ НА НЕАКТИВНО НАСЕЛЕНИЕ СЕ ЖЕНИТЕ, ЗАТОА ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА СЕ ЗАЛАГАМЕ ЗА НИВНА ПОГОЛЕМА АКТИВАЦИЈА НА ПАЗАРОТ НА ТРУД

0
445

„Во Родовиот индекс кој што го промовиравме од неодамна и публикацијата „Жените и мажите“  бројките покажуваат дека најголем дел од неактивно население се жените. Тоа ја оневозможува државата да го искористи целосниот потенцијал на жените и максимално да го искористи човечкиот капитал во државата. Неактивноста на жените е 55,1%, за разлика од мажите кој изнесува процентуално 32,8%, додека родовиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд е 20,3%. Причините ќе ги бараме во стереотипите, предрасудите и грижата на жените за домот и семејството, особено тоа е случај во руралните средини “ рече Тренчевска на Топ тема на Телма Телевизија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва беше гостин на Телма телевизија каде главен фокус на дискусија беше положбата на жените во Република Северна Македонија и високата стапка на невработеност, јазот на пазарот на трудот меѓу мажите и жените и предлог Законот за родова еднаквост како и неговите придонеси во унапредување на прашањето за родовата еднаквост во државата.

Тренчевска истакна дека родовите улоги поврзани со улогата на девојчињата и момчињата ја создаваат дискриминацијата. Таа посочи дека кога ќе се земе во предвид образованието како главен фактор за еднакви можности, со задолжителното основно и средно образование не се забележува разликата во учеството на момчињата и девојчињата, меѓутоа таа истакна дека во високото образование и во постдипломските студии тоа се забележува во голема мера.

Министерката се осврна на примателите на правата од социјална заштита и нивната активација на пазарот на труд.

„Она на кое што работиме особено кај примателите на Гарантирана минимална помош е тоа како да ги активираме на пазарот на трудот. Примателите на ова право во најголем дел се без квалификации и преку процесот на активација ќе можат да се интегрираат на пазарот на трудот. Тоа беше предвидено и со Социјалната реформа од 2019 година, но бевме спречени од КОВИД кризата, сега заедно со Светска банка и Швајцарската амбасада работиме токму во оваа насока, во овој процес се вклучени и Центарот за социјална работа и АВРСМ“ посочи Тренчевска.