ТРЕНЧЕВСКА ЗА КАНАЛ 5 : ПОТПИШАВМЕ ИСТОРИСКИ ДОГОВОР СО ПОВОЛНОСТИ ЗА ЦЕЛ ЈАВЕН СЕКТОР

0
472

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 Телевизија, истакна дека Општиот колективен договор е историски договор кој се потпишува после 15 години и содржи поволности за цел јавен сектор односно 130.000 лица.Како и дека Општиот колективен договор претставува дефиниран систем на плати за јавен сектор.

„Како што го дефиниравме системот за минималната плата, за пензиите, така и сега креиравме системско решение кое нема да зависи од политичка волја, овозможуваме постојан раст на платите во јавниот сектор,“ истакна Тренчевска.Согласно новиот Општ колективен договор од март 2025 година ќе има и нова методологија, каде ќе има коефицент на сложеност кој се множи со раст на просечната плата.„Сега во септември секој вработен во јавен сектор добива 10 отсто покачување, до крајот на годината секој вработен ќе добие 10.000 денари К-15, , а од 2024 година, К-15 ќе биде најмалку 30 отсто од просечната плата, “ истакна Тренчевска.Таа истакна дека од 2016, 2017 година до денес, забележан е значен раст на платите во речиси сите сектори.

„Нето платата на наставник во основно образование од 2016 година па до денес е зголемена за 44 отсто, на професор во средно образование зголемена за 42 отсто. На сето ова треба да се додаде и следното зголемување во септември од 10 отсто, што значи дека има зголемување за над 50 отсто. На воспитувачка во градинка платите се зголемени за 81 отсто, од 2017 до денес, додека за негувателките зголемувањето е 89 отсто. Помошно техничкиот персонал во градинки, за истиот период имаат зголемување за над 100 отсто“ порача Тренчевска.

Министерката потенцираше дека никогаш досега немало покачување на платите во јавниот сектор одеднаш за 10 отсто. Како и дека некои вработени во јавен сектор за прв пат ќе добијат К-15. Општиот колективен договор предвидува и јубилејни награди за вработените кои работат 20, 30 и 40 години кај ист работодавач.
Тренчевска се осврна и на важноста од постоењето на доверба, разбирање и компромис како клучни помеѓу Владата и претставниците на синдикатите односно помеѓу членовите на Економско-социјалниот совет. Но исто така потенцираше и на вклученоста во дискусиите и седниците на Економско-социјалниот совет покрај репрезентативните и на нерепрезентативните синдикати, кои иако немаат право на глас имаат можност за активно учество во креирањето на сите системски решенија за кои се засегнати работниците.