„Реформската агенда, тоа е нешто најактуелно во моментот што се зборува, нешто за кое што навистина упорно и напорно работеше Министерството за европски прашања, а претходно Секретаријат за европски прашања и морам да кажам дека нашата Реформска агенда е една од најдобрите, односно најдобра во регионот со што и не пофалија од Европската комисија дека добро сме ја сработиле. Она што сега во моментот следува како следна фаза е да ја реализираме баш онака како што е испланирана и напишана“, изјави Трајков.
Таа образложи на што се темели Реформската агенда, односно областите кои ќе бидат опфатени и каде ќе се спроведат реформите, како што се јавната администрација, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал, а во фокусот на реформите го стави владеењето на правото, односно справување со корупцијата, така што тоа би довело до успешно справување со предизвиците кои ги носи иднината, сметајќи дека сето ова е клучно за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок на државата.
„Најважно е да се зајакне капацитетот на јавната администрација, но и еден процес којшто е многу важен е дигитализацијата, да речам прво на администрацијата, па сите останати државни процеси. Она што е особено важно, а мислам и дека најголем акцент ќе се даде е реформата во владеењето на правото, како една партија којашто имаше навистина огромна поддршка од граѓаните, мислам дека таа реформа мора да се случи и конечно во оваа држава секој да биде еднаков пред законот, да нема ваши и наши, туку тој што ќе си погреши да си одговара, односно ќе се фокусираме на борбата против корупцијата“, наведе Трајков.
Исто така, таа посочи дека младите се дел од процесот на Реформската агенда во донесувањето на разни одлуки, потенцирајќи дека е од огромно значење да се слушне нивниот став и мислење за одредено прашање и дека тие ќе бидат вклучени со присуство на разни дебати и настани.