Како што појасни тој, за само една минута по поднесувањето на барањето, доколку е се во ред, граѓаните ќе добијат позитивен одговор и ќе можат да го симнат документот од системот
Граѓаните од денеска ќе можат да извадат уверение за државјанство во секое време преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Како што појасни тој, за само една минута по поднесувањето на барањето, доколку е се во ред, граѓаните ќе добијат позитивен одговор и ќе можат да го симнат документот од системот.
„Услугата која и досега беше достапна на порталот, иако можеше да се аплицира во секое време, сепак издавањето на е-државјанството беше можно само во работно време. Отсега услугата станува целосно дигитална и граѓаните може да аплицираат во секое време и за само една минута по поднесувањето на барањето, доколку е се во ред, добиваат позитивен одговор и можат да го симнат документот од системот.
Дигитализација на услугите и процесите во Министерството се еден од нашите врвни приоритети како Влада и како Министерство. Граѓаните заслужуваат брзо и ефикасно да ги добиваат своите документи кои институциите се должни да им ги обезбедат. Дополнително процесите на дигитализација во огромен процент ја намалуваат можноста од корупција од која страда нашето општество, така што преку дигитализацијата се води и борбата со корупцијата“, истакна Тошковски.
Националниот портал uglugi.gov.mk минатата недела беше ребрендиран и редизајниран од Министерството за дигитална трансформација. Станува збор за електронски централен портал каде се достапни сите електронски услуги на институциите во државата.
Тошковски исто така посочи дека Министерството за внатрешни работи забрзано работи и на дигитализација и на други услуги кои ќе бидат достапни за граѓаните во следниот период.