Thursday, January 16, 2025
1.8 C
Skopje

ТОШКОВСКИ : КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ТЕРОРИСТИ, УБИЈЦИ, ПОРАНЕШНИ ФУНКЦИОНЕРИ

Одделот за организиран криминал денеска поднесе кривични пријави за 18 лица за убиство и убиство во обид кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во „Шиша бар“ што ја вознемири јавноста, кажа Тошковски  -Во изминатите денови, Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со Јавното обвинителство и другите безбедносни институции (Финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање и Агенција за национална безбедност), поднесе кривични пријави против лица кои вршеле и планирале убиства, лица кои формирале терористичка организација, како и против поранешни политички функционери, информираше денеска на прес-конференција министерот Панче Тошковски. Во првата акција, тој рече дека секторот за борба против тероризам, вчера, до Основното јавно обвинителство поднел кривична против четири лица од Струга и Гостивар за дело терористичка организација.

„Првопријавениот, на почетокот на годинава, создал злосторничка организација, во која членувале други тројца и останати засега непознати лица, кои формирале ќелија со матрица на ИСИС, со намера на изведување на атак на цивилни и меки цели, односно јавни објекти на територија на Македонија. За остварување на оваа намера, првопријавениот формирал групи на „Телеграм“, во кој споделувал преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје и експлозивни направи, кои планирале да ги користат за терористички напади. Извршен е претрес каде престојувал првопријавениот, најдени се два лаптопи, два телефони и пиштол. По извршена анализа, на обезбедените докази содржани во телефонот, утврдено е дека тој координира активности и како војник на ИСИС делува на албанското говорно подрачје. Вчера е извршен претрес и кај другите пријавени, одземени се повеќе мобилни телефони, документација со натписи на арапски јазик, прстен со амблем на ИСИС, книги на арапски јазик. Сите се лишени од слобода и веќе им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена“, информираше Тошковски.

Тој за терористичката организација кажа дека нивната намера била да нанесат болка на македонските граѓани и дека за тоа МВР има голем број докази. „Тие се во притвор и во иднина јасно и соодветно ќе одговориме на сите останати кои ќе се обидат да влезат во вакви терористички организации. Во овој случај, Агенцијата за национална безбедност сработи добра работа“, рече тој. Во втората акција на МВР, одделот за сузбивање на сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спровеле акција во која е сузбиена 18-члена организирана криминална група од Скопје, која подолго време била инволвирана во вршење насилен криминал и недозволена трговија со оружје. „Имаше претреси кај 24 лица на 30 локации, од кои 28 на подрачје на Скопје и 2 во Велес. Пронајдено е огнено оружје, опрема, панцири. Досега се пронајдени над 30 милиони денари во различни апоени, пет моторни возила, накит, голема количина злато, 9 мобилни, рачни часовници, ресивери кои се одземени и ќе се вештачат. Одделот за организиран криминал, на денеска, поднесе кривични пријави за 18 лица за убиство и убиство во обид кои се извршени во последните години, меѓу кои убиството во „Шиша бар“ кое ја вознемири јавноста.

Во текот на 2020 година, дел од пријавените создала група чија цел биле убиства. Организаторите на оваа криминална група правеле планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде, и како ќе биде лишен од живот. Кон оваа група, прифаќајќи го криминалниот план, припадници станале и други лица од пријавените. Пет лица од пријавените направиле група за да вршат убиства, кои потоа се вклучиле во редовите на претходната група, кои планирале да лишуваат од живот лица од други криминални групи или поради одмазда. Секој имал улога и задача, еден од нив финансирал, ветувал и давал парични награди. Тројца биле задолжени за набавка на возила за следење, лоцирање на лицата кои требало да бидат убивани, а за кои добивале наредби од организаторите. Тие извршиле голем број убиства во изминативе години и убиства во обид“, информираше Тошковски на прес-конференцијата. Тој додаде и дека минатата година, три лица создале група која вршела изнуда. Организаторите на оваа група правеле планови и носеле одлуки од кои сопственици, односно, менаџери на фирми, со закана и насилен начин ќе изнудуваат пари, преку припадници на криминалната група.

„Прифаќајќи го овој план, припадници станале уште неколку лица од сега веќе пријавените. Тројца биле задолжени за давање наредби, налози за опожарување на објекти, за да ги присилат менаџерите да им исплаќаат пари за наводно обезбедување на објектите. Така, опожарени се 5 обложувалници и една сендвичарница. Едно лице, од 2022 со ветувања за пари, нарачувал од еден од пријавените, да опожарува коли на вработени лица во затворската полиција од Идризово, со цел да предизвикаат значителна опасност по живот и имотот на луѓето и да предизвикаат страв кај вработените во затворската полиција. Ова се правело со цел да се натераат затворските полицајци да вршат криминални активности внатре. Тие опожариле повеќе возила на луѓе вработени во затворска полиција“, потенцира министерот. Освен тоа, Тошковски информираше и за трет случај, во кој од утрово, по наредба на ОЈО, имало претреси на повеќе локации. „Постапено е по кривична пријава која на 13 декември, од страна за одделот за сузбивање на сериозен криминал и корупција, е поднесена против 8 лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот поранешен вицепремиер, директор на фирма и едниот е поранешен генерален секретар, а останатите се државни службеници.

Во оваа фаза, има сомнение дека сториле повеќе кривични дела, со кои направиле голема штета на буџетот на државата. При претресите, кај еден од осомничените се пронајдени 40.000 евра, кај друг – 20.000 евра, а две од лицата не се достапни на органите на прогонот“, рече Тошковски. Тој потсети дека најавил сериозна борба против организираниот криминал и дека со овие акции докажува дека бил сериозен во намерите. „Вчера беше преземена поголема акција, беше затворен добар дел од Скопје. Се извинувам до сите граѓани кои живеат во Чаир, Арачиново, Синѓелиќ. Поради малкумина луѓе кои беа дел од организирани криминални банди, овие граѓани мораа да трпат немир, за да може полицијата да си ја заврши работата. Имавме блокирано многу улици, правевме прегледи, немаше никаков инцидент, благодарност до чесните граѓани кои живеат во овие општини. Ваквите дејства на МВР, посебно во координација со ЈО и Основното, но и Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, ја враќаат надежта, дека можеме да ја нормализираме оваа држава“, додаде Тошковски.

Тој се заблагодари на, како што рече, чесните полицајци, а на „нечесните“ им испрати порака. „Срам е за македонски полицаец да учествува во рамки на било какво поткопување на процесите кои треба да не доведат до правда и правичност. За нечесните, ќе следуваат во иднина постапки и за нив. Ако ме прашате, дали има полицајци кои се нечесни, односно такви кои повеќе соработуваат со криминалците одошто со нивните колеги – Да, има. Дали и против нив треба да сме еднакви како кон криминалците – Да“, рече министерот. Тој кажа и дека се сторени пропусти од некои гранични полицајци и за истите има темелна истрага во моментов. „Не би сакал да кажам како ќе заврши таа постапка, но ве уверувам дека за кратко ќе бидете информирани. Има индиции дека на македонско-косовската граница не биле извршени задолжителни прегледи“, додаде тој.

ОВАА НЕДЕЛА

БУГАРИЈА КОНЕЧНО ДОБИ РЕДОВНА ВЛАДА, ПРЕМИЕР Е РОСЕН ЖЕЉАЗКОВ

По седум парламентарни избори, политичка нестабилност и технички влади,...

ТРИПУНОВСКИ ОД БЕРЛИН : РАБОТИМЕ СО ЈАСНА ВИЗИЈА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ВИСОКОКВАЛИТЕТНО ФЛАШИРАНО ВИНО

Вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ