ТОШКОВСКИ ЗА АПСЕЊЕТО НА САЛИУ : ДА НЕ СЕ ПРАВИ ПРИТИСОК ВРЗ ПОЛИЦИЈАТА, РЕАГИРАМЕ ИСТО ПРИ СЕКОЈ НАПАД

0
140

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека ја разбира реакцијата на новинарскиот еснаф, но тврди дека полицијата еднакво реагира при секој напад на полициски службеник. Тој повтори дека новинарот Фуркан Салиу е еден од приведените на денешниот фудбалски натпревар во селото Средно Коњари поради напад врз полициски службеници.

„Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво“,објави Тошковски на Фејсбук.

Фуркан Салиу е приведен за напад на полициски службеници, велат од МВР

Тој ги повика здруженијата, синдикатите, како и политичките партии да се воздржат од изјави и соопштенија и посочи дека со тоа се врши притисок кон полицијата.

„Да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“,вели Тошковски.

Претходно, ЗНМ и ССНМ повикаа случајот со приведувањето веднаш да биде расчистен и да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу.