Јавноста со право прашува, како е можно лице што е со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по несреќата во која пред два дена 20-годишник со автомобил ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Тошковски вели дека ова не е само несреќа и додава дека таа е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите.
Според него, ова не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.
Тој вели дека гневот кај јавноста е разбирлив, а недовербата во институциите е оправдана.
Сепак, вели дека ова не смее да заврши само со пишување гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените, вели Тошковски, мора да бидат реални и секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.
„МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам“, пишува Тошковски во објава на својот фејсбук-профил.