ТОТАЛЕН РАСПАД НА КОАЛИЦИЈАТА КОЈА ПОБЕДИ НА ЛОКАЛНИТЕ – ВМРО ДПМНЕ, АЛИЈАНСА И ГРОМ ПОКАЖАА ЗОШТО НЕ СЕ ДОСТОЈНИ ДА ВОДАТ ДРЖАВА: ТОТАЛЕН ХАОС ВО ОПШТИНСКИТЕ СОВЕТИ

0
1178

Раскинувањето на соработката меѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, која беше воспоставена пред последните локални избори, засега не се одразува врз функционирањето на општинските совети каде двете партии делуваат заеднички.

Како што велат за Фокус високи партиски извори, двете партии најсилна соработка на локално ниво имаат во Гостивар, која, според нив, нема да биде преиспитувана и доведена во прашање.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека соработката во оваа општина продолжува, додека од Алијанса за Албанците посочуваат дека во секој случај нема да биде блокирана работата на советот.

Воедно, од партијата на Зијадин Села истакнуваат дека досега дури и опозицијата на локално ниво знаела да поддржи многу нивни предлози од поширок интерес.

Токму гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари долго време имаше блиска комуникација со Христијан Мицкоски, меѓутоа прв го навести раскинувањето на соработката.

За време на протестите против францускиот предлог се случи инцидент, во кој беше вклучен активист на АА, кој влезе во конфликт со дел од демонстрантите, па дури и извади огнено оружје.

Подоцна, се испостави дека тој е брат на директорот на скопското јавно комунално претпријатие, кој инаку е кадар на Алијанса за Албанците.

Но, тој после инцидентот експресно беше разрешен од скопската градоначалничка Данела Арсовска, која, според нашите сознанија, ваквата одлука ја донела без консултации.

Сепак, тоа беше повод АА да ја раскине соработката со ВМРО-ДПМНЕ, иако упатените говорат дека вистинската причина се крие во фактот што ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на францускиот предлог ја става Алијанса во некомотна позиција да биде доживувана како противник на евроинтеграцискиот процес.

Инаку, советникот на Алијанса за Албанците беше клучен за мнозинството во рамки на Град Скопје заедно со советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но неофицијалните информации говорат дека во иднина ова мнозинство ќе очекува поддршка од други независни советници и советници од „помали“ партии.

Исто така, ВМРО-ДПМНЕ периодов остана и без еден од традиционалните долгогодишни партнери – ГРОМ на Стевчо Јакимовски, што исто така го покрена прашањето за идното функционирање на Карпош.

Иако Јакимовски е градоначалник, неговата ГРОМ има само два советници во Карпош, што веќе го прави скоро невозможно функционирањето на Советот, во кој градоначалникот наидува на отпор од безмалку сите советнички групи.

Што се однесува до останатите општини, ГРОМ има повеќе советници, но нивниот советник е исклучително битен само во Општина Василево поради специфичниот распоред на силите.