Пред да се осврне на темата на прес-конференцијата, Милошоски во, како што кажа, кратка реплика до колегите од владејачкото мнозинство, посочи дека е несериозно премиерот на 28 септември да држи вонредна прес-конференција, а до ден денес Собранието да ги нема добиено законите кои беа итно најавени. ВМРО-ДПМНЕ бара преку измени во законот за енергетика училиштата, јавните претпријатија и болниците да станат дел од регулираниот пазар на потрошувачка на енергија
Од СДСМ експресно реагираа на прес-конференцијата на Милошоски и посочија дека над 50 закони со месеци се закочени во Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е неодговорно во време на криза
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат законот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 25 милиони евра бидејќи се сомневаат во трошењето на средствата што Владата ги прави од вакви заеми и од самиот буџет, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на опозициската партија и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски.
„Видовме дека и одредени медиуми кои работат на истражувачко новинарство утврдија дека за време на кризата со пандемијата и енергетската криза многу средства биле злоупотребени за купување на одредени работи кои немаат допирни точки со здравствената или енергетската криза“ рече Милошоски.
Тој потенцира дека и 25 милиони евра од овој закон за заем од ЕБОР се предвидени за дополнителни плати и вработувања кои, како што рече, власта недомаќински ги прави во ЕЛЕМ/ЕСМ.
„Цениме дека не можеме да дадеме поддршка на такви законски решенија особено не во услови кога според светската банка Македонија за жал е најлошо рангирана за раст на БДП освен земјите кои се директно вклучени во војна како што се Русија, Украина и Белорусија. Македонија во регионот е лидер по најниската прогноза за раст од само 2,1 отсто и до крајот на оваа година што можеби ќе стане и полоша бројка со текот на времето“ рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред да се осврне на темата на прес-конференцијата, Милошоски во, како што кажа, кратка реплика до колегите од владејачкото мнозинство, посочи дека е несериозно премиерот на 28 септември да држи вонредна прес-конференција, а до ден-денес Собранието да ги нема добиено законите кои беа итно најавени. ВМРО-ДПМНЕ бара преку измени во законот за енергетика училиштата, јавните претпријатија и болниците да станат дел од регулираниот пазар на потрошувачка на енергија.
„За разлика од неодговорноста на Владата ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ следниот ден на 29 септември предложивме измени во законот за енергетика преку кој училиштата, јавните претпријатија и болниците би биле на регулираниот пазар и сакаме да се интервенира што побрзо, но за жал владејачкото мнозинство, иако законот е само од три члена владејачкото мнозинство не замајува дека недела дена се преведува предлог-законското решение, односно одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание поредлог-законите кои што Ковачевски кажа дека се итни дека ги има дека бара поддршка, а од нив нема ни трага ни глас во Собраниските архиви. И затоа е бесмисленоно да се говори за поддршка на закони кои што не постојат и не се доставени до Собранието“ рече Милошоски.
Прашан за контактите што ВМРО-ДПМНЕ, односно партискиот лидер Христијан Мицкоски му ги предал на министерот за економија Крешник Бектеши по вчерашната средба во Владата, Милошоски рече дека до овој момент нема информација дали има некој „фидбек“ од министерот за економија.
„Но, точно е дека му се пренесени контактите и позициите каде што би требало да се обрати, но секој ден изминат без било каква активност од страна на Владата само ја отежнува ситуацијата. Ако оваа средба што се случи вчера се случеше пред една недела шансите ќе беа поголеми за набавка на ресурси со поевтина цена и производство на повеќе електрична енергија во државата. Секое одолговлекување на вакви законски решенија што ги нудиме само ќе ја усложнува ситуацијата“ нагласи Милошоски.
Од СДСМ експресно реагираа на прес-конференцијата на Милошоски и посочија дека над 50 закони со месеци се закочени во Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и дека то е неодговорно во време на криза.
„Огромен дел од овие законски измени се важни за последиците од кризата да бидат пребродени што поефикасно и со што помалку штета врз граѓаните, врз стопанството и врз енергетскиот сектор. ВМРО-ДПМНЕ има можност да се престрои на страна на интересите на граѓаните, конечно да покаже одговорност и да се вклучи во процесите за наоѓање решенија за излез од кризата. Ниту државата, ниту стопанството, ниту граѓаните, немаат време за губење, ВМРО-ДПМНЕ да престане со блокадите на македонското Собрание, да се обезбеди ефикасност во носење на законите и поддршка на клучните закони за енергетската криза“ стои во реакцијата на владејачката партија.
Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера по неколку дневна размена на повици, барања, одбивања и лицитирања со местото каде би се одржала средбата на која Мицкоски ќе го презентира својот концепт за справување со енергетската криза, вчера одржаа состанок во Владата.
По средбата, Мицкоски во изјава за медиумите рече дека е исто толку загрижен колку и пред да влезе на неа.
Тој оцени дека помошта и концептите што ги понудиле за справување со енергетската криза изгледале прифатливо за премиерот и надлежните министри со кои разговарал. Мицкоски додаде дека ако Владата не го реализира сценариото ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата.
Премиерот Ковачевски по средбата изјави дека сите понуди што ги имаат од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават до ЕСМ, а бидејќи станува збор за контакти кои сакаат да бидат директни, затоа го задолжува министерот за економија Крешник Бектеши да ги оствари тие контакти и да се види дали тие имаат соодветна понуда која ги задоволува критериумите врз основа на кои се прават набавки во ЕСМ.