„ТЕЛЕГРАМ“ ВОВЕДЕ МОЖНОСТ ЗА ПРЕТПЛАТА СО ДОПОЛНИТЕЛНИ ФУНКЦИИ

0
118

Откако претходно месецов ја најави, апликацијата за размена на пораки „Телеграм“ ја промовираше својата премиум услуга, која на корисниците им дава пристап до дополнителни функции по цена од 4,99 американски долари месечно, пишува „Д Врџ“.

Со претплатената верзија корисниците ќе добијат побрзо преземање и поголема максимална големина на прикачување на датотеки. Претплатниците на премиум услугата имаат ограничувања двојно поголеми од оние што им се наметнати на стандардните корисници. Така, наместо да се приклучат на најмногу 500 канали, на претплатниците им е зголемено ограничувањето на до 1.000 канали. Истото важи и за останатите функции – претплатниците можат да креираат до 20 папки за разговор со по 200 разговори, да зачуваат до 10 стикери и да додадат вкупно четири сметки, наместо стандардните три.

Премиум корисниците имаат и можност за подолги биографии со можност за поставување на линк.

Дел од новите поволности вклучуваат и можност за конверзија на гласовните пораки во текст, како и отстранување на спонзорираните пораки на јавните канали.

Извршниот директор на „Телеграм“, Павел Дуров, рече дека новите функции нема да влијаат на искуството за оние што нема да се претплатат на премиум услугата.

Корисничката база на „Телеграм“ во моментов брои околу 700 милиони.