ТЕЗИ БЕЗВЕЗИ

0
597

Утре нè очекува првото собраниско соочување во врска со уставните измени, а веќе некои од тезите наменети за оправдување на опструкцијата се пласираа во јавноста. Тоа се “тези безвези”.

На пример, професорката Најчевска, на мое огромно изненадување, безочно ги изврте состојбите. Иако, не можам, да ги разберам мотивите за ова, би рекла, неодговорно злоупотребување на својот академски авторитет, сепак, мислам дека со своите искази ги охрабрува деструктивните сили во нивната намера да нè буткаат назад. Свесно или не, не знам, сепак, ќе се обидам да одговорам на нејзините наводи.

Таа прашува: “Доколку ги внесеме Бугарите во Уставот на државата дали тоа ќе значи: 1. Дека Бугарите од Македонија ќе ги препознаеме како луѓе кои со генерации се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија?

НЕ, драга Професорке, тоа значи дека ѓраѓаните на РСМ кои се идентификуваат како Бугари – ќе ги уживаат сите права како граѓани кои припаѓаат на културно различна заедница од доминантната македонската етничка група.

Или, тоа значи дека нашиот уставен поредок ќе продолжи да овозможува за сите културни групи различни од македонската да имаат целосен граѓански статус преку уставно признавање на нивната културна различност и тоа: Евреите, Црногорците, Словенците, Хрватите, Египјаните, Бугарите…

Во таа смисла, јавно декларираната Ваша бугарофобија, ми се чини дека баш и не помага во тоа да конечно да се реализира идентитетското разликување меѓу Бугарите и Македонците – што е клучна придобивка која целосно ќе ги хендикипира идентитетските аспирации на некои субјекти според кои Македонците и Бугарите се изедначуваат. Значи поголема потврда за посебноста на македонскиот идентитет не може да се гарантира од оваа уставна демаркација на јасно разликување. Енде!

Прашува сугестивно професорката Најчевска: “Дека Бугарите во Македонија ќе ги препознаеме како луѓе кои работеле и работат во согласност со правните одлуки наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ”…

Не драга професорке, бугарите како и сите други граѓани државјани на РСМ различни од македонците, ќе ги уживаат уставно загарантираните права, но, тоа значи и дека ЌЕ ИМААТ ОБВРСКИ ДА ДЕЛУВААТ СОГЛАСНО СИТЕ УСТАВНИТЕ ВРЕДНОСТИ – вклучувајќи ги и темелните антифашистиштички вредности. Самата преамбула има таков тон и декларира дека политичките субјекти мора да водат сметка за историското наследство и жртвите положени за изградбата на нашата држава. Погледнете ја преамбулата, ве молам.

Професорката, на оваа линија, дури и го доведува во прашање и статусот на македоскиот јазик па реферира … “ Mедонскиот јазик се препознава како службен јазик” …

ВЕДНАШ ДА ПРАШАМ – КОГА И КАКО Е КОМПРОМИТИРАН СТАТУСОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – ВО КОНТЕКСТ НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ? ПОТОА : “…Се формира комисија за испитување на војните злосторства направени од окупаторите (читај Бугарите) и нивните слуги (читај – Бугарофили) “…

Професорке, во 21 век, во демократски и прогресивен свет, во каков што верувам дека и вие сакате да живеете – неупатно е да стигматизирате цели народи заради грешки направени во минатото на поединечни ДРЖАВИ. Тоа е исто како да кажете дека не сакате да ги признаете Евреите заради контроверзностите поврзани со ЦИОНИЗМОт, или да ги етикетирате сите Германци какк фашисти. Тоа, професорке не е примерно за демократските услови на развој.

Цитирате во наметнувачки тон …” Со ова се остваруваат вековните идеали на нашиот народ (читај – формирање сопствена држава).Се кинат фашистичките синџири (читај – на бугарскиот фашистички окупатор) Фашистичките окупатори и нивните слуги се пред пропаст, ами ги превземаат сите мерки како би го одложиле своето пропаѓање. Изнајдуваат нови трикови, како би го задржале македонскиот народ мирно да (го) поднесува фашистички јарем. Ванчо Михајлов и неговата група издајници и крвници на македонскиот народ готват платени банди да по истеглувањето на бугарските фашиски војски ја завладејат Македонија за сметка на Хитлер или некој друг господар.“

Професорке, не верувам дека не знаете оти правните акти на кои реферира нашиот устав се знае точно кои се. Оттука, ми се чини дека малку ги злоупотребувате асномските документи за пропагандни цели. Се знае кои акти од АСНОМ се фундаментални за субјективитетот и воспоставувањето на македонската држава. Да не беше тоа така, ако се сеќавате, веќе еднаш оправдано отстранивме од Уставот еден од асномските акти кои имаше иредентистички тон a propos Преспанскиот Договор. Значи, во никој случај и во никакви околности не може и не смее да биде доведено во прашање основањето на македонската држава, а најмалку не со уставните измени.

Најважно, фашизмот не може да има националност. Фашизмот е таква идеологија која, за жал, може да постане и државна политика во извесни околности.

Затоа и не можам да поверувам дека еден деклариран антифашист како Вас, може да си дозволи да ги именува и етикетира цели народи како фашисти.

Ете, ова второто е таква предрасуда која точно може да доведе до фашизам.

Не сакам да верувам дека свесно ја пропагирате оваа стигматизација против луѓето што се чувствуваат како Бугари.

Прашувате : “Или ќе го негираме минатото за кое уште имаме живи сведоци?”.

На уставните измени, не им е целта да се негира минатото туку да се изгради европска иднина. Да се откочи пристапниот процес.

Предлогот на амандманите не го компромитираа минатото, напротив – обезбедуваат мултикутурен континутет на демокракратскиот суверенитет и субјективитет на земјава и тоа во Европска перспектива.

Уште повеќе, контроверзноста и непожелноста поврзана со името на Ванчо Михајлов, е веќе утврдена од страна на нашите државни органи, и а сите слични навредувачки фигури/ симболи (КЗД и МП), заради повредата на чувствата на етничките Македонци. Ниту Ванчо, ниту некакви Санстефани, ниту било какви здруженија со контроверзни и навредувачики симболики за граѓаните на РСМ или празнувања, не можат и не смеат да бидат предмет на јавен хвалоспев и немаат апсолутно никаква врска со уставните измени. Особено што и самото утврдување на симболичкиот поредок во земјава подлежи на сериозна законска процедура! Само во ДПМНЕ, не се оградуваат од врховизмот, се уште.

Драги луѓе, пријатели и непријатели, РСМ како современа демократска земја, според словото на Уставот, мора да се грижи за сите граѓани, вклучувајќи ги и оние од дијаспората. Во таа обрска, не може да се исклучуваат едни, а да привилегера други. Должност е на Републиката, да се грижи за сите македонски граѓани без разлика на нивниот етнички идентитет, па дури за оние кои се декларираат како Бугари. Кој не може ова да го разбере, му нема помош.

РСМ, исто така не смее да си дозволи стигматизација на цели народи заради историски грешки направени во минати Држави. И ова е во целосна согласност со антифашизмот и мултикултурализмот како темелна основачка вредност на македонската држава – поточно, на СИТЕ граѓани кои живеат во неа. Слично, уставниот поредок на земјава, подразбира и обврски за сегашните и идните генерации да водат сметка за дадените жртви. Консеквентно, тие обврски се исполнуваат дури и со овие измени.

Затоа, граѓаните нема од што да се плашат.

Во измените нема ништо страшно.

Тие ниту имаат намера да не загрозат ниту имаат капацитет за тоа. Особено не за индетитетот. Македонското општество и држава од основањето до современоста се демократски, мултиетнички и мултикултурни и во тој правец признавањето на различноста на други заедници во никој случај не отстапува од карактерот на нашиот поредок и државна традиција на соживот уште од Крушевската Република до денес.

На крајот на денот, без разлика од каде доаѓаме, какво е нашето потелко, минато, нашата сегашност е исто така битна, и секако нашата Европска иднина.

Пишува, Ана Чупеска