Иако Јавното обвинителство не открива нови детали од предистрагата и координираните активности со Управата за јавни приходи (УЈП) и МВР, кои вклучија и претреси во повеќе правни субјекти во Струмица, Скопје и Гостивар кои, пак, според објавите на одредени медиуми, се доведуваат во врска со бизнисменот од Струмица, Ристо Крмзов, ТВ Сител од свои извори сподели неофицијални информации дека било откриено оти од сега пропаднатата Еуростандард банка биле подигнати осум милиони евра кои завршиле на сметки во Турција.
„Истрагата ја вклучува и Царинската управа каде за еден камион увезена роба се плаќало царина од само 1 500 евра, а за истата роба во последниот период, како што велат по смената на раководството, се плаќа за 15 пати повисоки давачки“,јавува ТВ Сител.
Дополнително се вели дека постојат одредени сомнежи дека во целиот случај се вклучени поранешни раководни структури од УЈП, Царина и Централниот регистар.
Инаку, вчера судија на претходна постапка донесе одлука за одземање на патната исправа на бизнисменот Крмзов додека другите три приведени лица беа пуштени на слобода без мерки за обезбедување.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски обелодени дека првичните сознанија со кои располага велат дека станува збор за криминал со милионски суми кои се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари.
„Ова е еден од предметите коишто слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој, за жал, повторно е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми коишто се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумција на невиност“,рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на Охрид, каде што ги отвори 22. Синдикални спортски игри, во организација на Македонскиот полициски синдикат.
На повеќе локации во повеќе градови во петокот се вршеа претреси на домови и други простории поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Во претресите координирано учествувале полициски службеници, службени лица од УЈП и истражители од ОЈО ГОКК, а во Струмица лично присуствувала и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.