Мендух Тачи, лидерот на ДПА и единствен пратеник од оваа партија во Собранието за „Слободен печат“ ги коментираше синоќешните случувања кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека заедно со пратениците од Алијанса за Албанците/Алтернатива, БЕСА и Левица формирал ново парламентарно мнозинство.
-Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за негов камбек. Следната влада ќе биде на чело со Заев. Јас не познавам друг човек во СДСМ со поголеми капацитети од Заев, изјави Тачи за „Слободен печат“.
Тој коментираше и како потегот на здружувањето на БЕСА и Алијанса за Албанците/Алтернатива ќе се одрази кај албанскиот електорат во наредниот период.
-Албанските лидери кои вчера се сликаа на оваа фотографија скапо ќе ги чини тоа кај Албанците. ВМРО-ДПМНЕ е десничарска партија која не го признава и почитува ниту Охридскиот, ниту Преспанскиот договор, а во новата политичка констелација на Балканот ниту Косово, ниту пак заложбите на државава за членство во ЕУ, смета Тачи.
Тој додава дека „овој голем политички театар“ е направен бидејќи и Алијанса за Албанците со Алтернатива и Движењето Беса сакаат само да испазарат подобри позиции во идната владата предводена од Зоран Заев која Тачи ја нарекува „Заев Три“.
-Алтернатива сака само да ги зајакне своите преговарачки капацитети во владата на Заев, а Беса сака само да ги зачува своите места во Владата, па од една страна преговара со ВМРО-ДПМНЕ, а му испраќа сигнали на СДСМ за да си ги зголемат нивните идни преговарачки позиции во владата на Заев Три, изјави Мендух Тачи за актуелните случувањата на македонската политичка сцена.
Извор : Слободен Печат