Тасева е таа што го тужела Ставрески и добила контра кривична

0
585

taseva11

Министерот за финансии Зоран Ставрески, сепак не го послушал советот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да не покрене кривична пријава против претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева, како што се слуша од снимката за која лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврди дека е меѓу Јанкулоска и Ставрески.

На 12 октовмри 2011 година Тасева објави дека поднела иницијатива до Јавниот обвинител за поведување постапка за утврдување кривична одговорност на Ставрески, за кого тврдеше дека донел одлука за распределба на 1,3 милиони евра од државниот Буџет за финансирање политички партии.

Според ТИМ, министерот не ја почитувал поделбата на власта, ги пречекорил службените овластувања и како функционер од извршната власт, уредувал законска материја. Ставрески, според соопштението од невладината организација, истиот ден Упатството го објавил во службен весник, а на 20. истиот месец, врз основа на дополнетото Упатство, донел решение за распределба на средствата за финансирање на политичките партии во висина од 0,06 отсто од буџетот на Македонија, за 2010 година или вкупно околу 1.330.000 евра.

Уставниот суд на крајот на септември 2011 година укинал одредба од Упатството на министерот за финансии Ставрески, со која сите политички партии кои учествуваа на изборите добиваа процент од Буџетот за финансирање на партиите. Судот утврдил дека со овие одредби, министерот воспоставил поинакви правила на распределба на средствата од Буџетот за финансирање на политичките партии од правилата пропишани во Законот за финансирање на партиите.

„Убедени сме дека Слаѓана Тасева е запознаена со одредбите на законот кои утврдуваат дека поднесувањето лажна кривична пријава против некого е кривично дело, кое таа го направила во овој случај и соодветно за истото ќе добие кривична пријава. Очигледно е дека единствениот мотив на Тасева е да добие барем малку личен публицитет и внимание од јавноста. Потврда за тоа е фактот што пријавата ја пуштила не само до Јавно обвинителство, туку и до сите медиуми што е обид за притисок врз работата на Јавното обвинителство Слаѓана Тасева има демократско право да поднесе кривична пријава, но со оглед дека во случајов се работи за неоснована, паушална и неаргументирана пријава, очигледно е дека единствениот мотив на Слаѓана Тасева е да добие барем малку личен публицитет и внимание од јавноста“, пишуваше во соопштението од Министерството за финансии.