Сите пет пациенти примени во болниците во Солун се во стабилна состојба. Во болницата „Папаниколау“ се хоспитализирани три лица, а во Воената болница уште двајца повредени, сите со тешки изгореници.
Повредените денеска ги посетија министерот за здравство Арбен Таравари и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
-Денеска во раните утрински часови заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и со Д-р Илир Вела дојдовме во Солун за да ја видиме состојбата на пациентите хоспитализирани овде. Само што излеговме од „Општата болница Г. Папаниколау“ и Војната Болница во Солун, сите пет пациенти примени во овие болница се во стабилна состојба! Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за нивната посветеност и помош! Ќе ве информираме за другите пациенти! – напиша Таравари на Фејсбук.
Таравари и Муцунски за време на посетата на повредените во Солун беа придружувани од грчкиот заменик-министер за внатрешни работи Костас Јулекас, надлежен за областите Македонија и Тракија и од заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу.