ТАРАВАРИ ЗА РТК : ВО НОВАТА ВЛАДА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ШЕСТ МИНИСТРИ И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО ЌЕ БИДАТ АЛБАНЦИ

0
209

Во новата влада на Северна Македонија шест министри и претседател на Собранието ќе бидат Албанци, изјавил во интервју за Радиот телевизија Косово (РТК) Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, пренесува Косово онлајн.

„Верувам дека една од трите главни функции на државата, односно претседателот на парламентот, ќе продолжи да биде Албанец и значителен број министри, особено за оние области каде што имаме експерти. Ние како партија ‘Вреди’ ќе ги именуваме“,рекол Таравари.

Тој посочил дека Собранието ќе се конституира на крајот на овој месец, а новата влада се очекува да се формира во првата половина на јуни.

„Планирано е конституирањето на Собранието да се случи некаде на крајот на овој месец, на крајот на мај, а во меѓувреме кон крајот на следната недела да имаме кадровски избори и програма на владата. Кога ќе се конституира парламентот, претседателот на државата мора да го даде мандат за фформирање влада. Во првата половина на јуни, сигурно ќе имаме нова влада“,рекол Таравари за РТК .

Тараври нагласил дека коалициските партнери се согласиле приоритет на новата влада да биде патот кон Европската Унија, бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата и функционирањето на правната држава.

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“, кои преговараат за нивното евентуално коалицирање во идната влада, во четвртокот ја одржаа првата средба. По состанокот, кој се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата на Христијан Мицкоски соопштија оти разговорите во позитивен дух ќе продолжат и натаму.

На средбата, како што информираа од ВМРО-ДПМНЕ, било истакнато оти е потребно задржување на програмските определби кои добиле поддршка од граѓаните на изборите.

„При таквото раководење на идниот владин состав да се запазат договорените принципи на делување, силно динамизирање на евроинтеграциите, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно истиот ден лидерот на партијата Христијан Мицкоски, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ успешно консолидирала 61 пратеник и дека разговорите со потенцијалните идни коалициски партнери како што е коалицијата „Вреди“, продолжуваат.

„Па да, можам да кажам дека како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците коишто не се дел од коалицијата, и можам да кажам дека во моментот успешно консолидиравме 61 пратеник. Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро од денеска ќе ги дознаете деталите имајќи предвид дека состојбата е чувствителна. Како коалиција во парламентот покрај 58 пратеници коишто ги има автентично самата коалиција и очекуваме одлука на управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6, можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник, но тоа нема да нè повлече од разговорите со идните потенцијални коалициони партнери како што е коалицијата ‘Вреди’“,
истакна Мицкоски.