ТАРАВАРИ ЗА ПОДЕЛБАТА ВО АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ : ОСТАВИВМЕ СУДОТ ДА ОДЛУЧИ

0
276

За крилото во Алијанса за Албанците кое го поддржува Зијадин Села, Тарвари вели дека е фракција во партијата што веќе неколку месеци е многу блиска до ДУИ и додава дека тоа е нивен легитимен став кој го почитува.

За поделбата во Алијанса за Албанците ќе одлучи судот и ние би ги прифатиле сите одлуки, вели Арбен Таравари за поделбата во партијата на две крила, едното чии приврзаници се на неговата страна, а другото во кое се тие на Зијадин Села.

Таравари во интервју за „Глас на Америка“ вели дека е нормално секогаш кога во партијата има фракции секој да се повикува на некои свои аргументи од кои што реално согледува дека има право. Тој вели дека сите факти и аргументи се на нивна страна, но сепак додава дека и другата страна би го кажала истото.

„Оставивме судот да одлучи. Ние би ги прифатиле сите одлуки на судот бидејќи сме сигурни дека и во Централното претседателство и во Централното собрание и кај членовите на Конгресот имаме мнозинство“, изјави Таравари.

Тој додава дека најверојатно ќе започне судска постапка за што вели дека уште во понеделникот ја доставиле целата документација.

„Тие имаа и малку проблеми за да соберат потписи за да докажат дека имаат две третини, нив им требаат две третини, а нас ни треба само една половина. Имаме повеќе од половина, повеќе од педесет отсто од делегатите, од членовите на Централното претседателство. Нив им требаат две третини – што е невозможно. Тоа е фракција во Алијансата за Албанците која што веќе неколку месеци е многу блиска до ДУИ, меѓутоа, сепак, и тоа е нивен легитимен став кој го почитувам“, вели Таравари.

Таравари додава дека со Села се имаат договорено единствено за поделба на двете канцеларии на партијата кои се под кирија. Договорот била таа во Скопје да ја користат приврзаниците на Села, а тетовска канцеларија да остане како официјално седиште на партијата која ќе ја користи Таравари.

Во однос на нивното барање претседателот на државата во иднина да го избира Собранието, за што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се против, Таравари го оправдува со малите ингеренции кои ги има претседателот и потсетува на изборот на првиот претседател во Македонија, Киро Глигоров кој прв пат се избрал од собранието.

„Јас мислам дека ингеренциите на претседателот на државата се колку и во повеќе околни држави. Ние често се разликуваме, ги споредуваме со Косово или Албанија, кои што имаат сличен систем како нашиот, парламентарен систем. Мислам дека трошоци на државата не и требаат, може да се избира и преку собрание како што тоа го направивме за прв пат и наш став е бидејќи не сме претседателски систем, туку сме парламентарна демократија, мислам дека би рационализирале со договор меѓу политичките партии кои се застапени во парламентот“, вели Таравари.

За тоа со кого би коалицирале после изборите, Таравари вели дека единствениот пат на Северна Македонија е европскиот и додава дека тие како политичка партија Алијанса за Албанците, меѓутоа и како опозициски блок „Вреди“, инсистираат по секоја цена да го следат европскиот пат и додава „не би сакале да помислиме дека некој би размислувал за друга опција“.