На Клиниката за детски болести при вториот преглед извршен на 3 октомври е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација на 14-месечното дете кое почина, изјави министерот за здравство Арбен Таравари. Исто така, на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ констатирана е неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии.„Стручниот надзор утврди пропусти од 3 типа: системски, технички и во однос на стручноста.
Во системските утврдено е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациенти при прием и дека има потреба од континуирана обука за докторите на Детска клиника за срцеви болести. Во однос на техничките пропусти, во Козле е утврдено дека има потреба од апарат за респираторна поддршка и унапредување за организирање на транспортот од една до друга установа, рече Таравари.
Таравари кажа дека извештајот од комисијата ќе биде испратен до двете клиники и до Етичката комисија во Лекарската комора и оти се надева дека ќе биде разгледан сериозно и ќе се преземат мерки. Комисијата не констатирала пропусти во случајот со 31-годишната родилка од Куманово која почина на 27 септември.