До крајот на оваа календарска година нема да има уставни измени бидејќи за тоа се потребни најмалку три месеци, посочи вицепремиерот и министер за здравство Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање на настан кој се одржа на Клиниката за пулмологија. Тој доаде оти еден од првите услови за влез во владината коалиција на Вреди (Влен) било веднаш да започнат преговорите за членство во Европската унија, но, како што рече Таравари, тие ги гледале околностите.
„Во Бугарија нема Влада, a кај нас ВМРО-ДПМНЕ кој е најголем партнер во коалицијата, не се согласува без одреденa гаранција да се започне нешто, и со право. Ни се случи два-три пати да менуваме нешто и да не започнеме преговори. Затоа со право се бараат гаранции. Како претседатели на Влен треба сега да седнеме и да направиме стратегија како понатаму“, рече Таравари.
Вицепремиерот и министер за здравство веројатно мисли на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски искажани во медиумите, дека ќе бара гаранции од Бугарија оти барањето за внесување на Бугарите во Уставот би било последното од нивна страна на македонскиот пат кон ЕУ. Вицепремиерот Таравари слична изјава имаше уште за време на предизборната кампања за претседателските избори, кога најави дека ќе бара гаранции од високиот претставник за надворешна политика на ЕУ дека по уставните измени нема да има нови барања за Македонија надвор од Преговарачката рамка за преговори.