Може ли диктатор кој ја приграбил целата власт и ја злоупотребува со невидено самоволие, ги узурпирал сите институции во државата, владее со криминал и корупција, ги држи во заложништво на безизлез граѓаните, да биде и дел од барање излез од кризата во која ја довел државата? Сака, ама нема да може. Тоа е исто како осомничен закоравен криминалец или мафијашки кум да биде судија во голем процес што судот, во име на народот, го води против него.
Европските институции и тројката нови олеснувачи (кои по ред), ако не ја знаат оваа лекција, брзо ќе ја научат. На потешкиот начин за Македонија, за жал. Груевски кој не признава дека има криза, истовремено инсистира и тој да биде дел од преговорите за нејзино надминување или неговата партија нема да учествува. Талентираниот господар на кризата отворено и се закани на ЕУ дека, ако не биде по негово, ќе ја заострува кризата. Ништо друго и не прави последниве години.
Бавното и нерешително организирање на Европскиот парламент кој, на крај, со тројца претставници се вклучи во кризата, наместо на олеснување повеќе личи на долевање бензин во пожар, кој веќе тлее. Заложбите на преговарачите кризата да се решава во институците, кои се узурпирани и од кои останале само (“барокни”) фасади, се сигурен пат олеснувачката мисија на европските институции да се претвори во погон за масовно производство на тоалетна хартија со која, како тргнало, ќе се затрупаат ѓеризите и во ЕУ и во Македонија.
Европските институции, но и СДСМ, од каде напоредно со бомбите најавуват и нов пристап кон политиката, направија голем превид пред да започне олеснувањето бидејќи во овој процес не го вклучија ДУИ. Не само затоа што оваа партија е коалиционен партнер и соучесник во креирањето на кризата, туку и поради мултинационалниот состав на државата и Бадинтеровиот принцип.
Клучната причина за брзо вклучување на претставници на албанците (не само на ДУИ), се отворените манипулации на дпмнето и нејзиниот лидер кризата да се прелее и во меѓуетничките односи. Диктатурата, во паника поради неминовниот крај, со провоцирање меѓунационални судири се обидува да ја заостри кризата. Залудно, бидејќи криминалот, корупцијата, самоволието, сиромаштијата … ги засегаат сите граѓани. Безизлезот и кризата немаат национална припадност.
Европските институции и опозиционите социјалдемократи мораат да инсистираат разговорите за излез од кризата и за експертска влада да бидат од многу поширок формат. Во нив мора да учествуваат и претставници на Форумот на Кекеновски и на таканаречената Амстердамска тројка. Не само да се блокира самоволието кое сака да го наметне Груевски, туку, пред сè?, затоа што тие се посветени на барање излез и имаат сè поголема поддршка и кај членството на ВМРО и меѓу граѓаните.
Кризата која диктатурата со забегано самоволие со години ја гради и надградува, а со масовното прислушување само излезе на виделина, најбезболно може да почне да се надминува со договор за формирање експертска влада. Нејзниниот мандат би требало да биде најмалку една година. Тоа е најминималното време одвај да почнат во нормала да се враќаат институциите на државата кои се насилно партизирани, како и вработените во администрација кои се парализирана од страв да не ги загубат работните места и егзистенцијата.
Трагично за Македонија е што експертска влада е единствен излез од кризата. Груевски и неговата тајфа, со неспособност за која ќе се прераскажува и со незапаметено самоволие, кое ќе влезе во учебници, успеаа државата да ја вратат речиси 25 години наназад. Експертската влада во 1991. година беше потреба државата да влезе во осамостојувањето, сега е единствен излез од кризата.
Македонија со светлосни години е вратена назад. Колку време е загубено тешко може да се пресмета, но сигурно е дека никогаш и со ништо не ќе може да се надомести. Македонија со генерации ќе ги чувствува катастрофалните последици на враќањето назад, граѓаните ќе го плаќаат времето на застојот кој засекогаш ќе биде поврзан, пред сè, со владеењето на Груевски и неговата тајфа.
Основен услов за брзо формирање експертска влада е да заминат Груевски и неговата тајфа таленти. Мораат да си одат мешетарите со недвижнини и земјопоседници, договарачи на провизии, експерти за изборни измами, душмани на политички противници… Колку подолго одбиваат да заминат, толку повеќе расте тежината на одговорноста од која, како што покажуваат примерите на Хрватска и Србија, никој не може да избега, колку и да е силен кога е на власт.
Ристо Поповски – публицист
Извор: Глобус