Талевски за „Утрински брифинг“: Со протестот ВМРО-ДПМНЕ застана зад насилниците од 27 април, на страната на криминалот

0
188

ВМРО-ДПМНЕ вчера директно и експлицитно покажа дека е на страната на насилниците и криминалците кои беа дојдени во собранието на 27 април да убиваат, да тепаат пратеници, новинари, дојдоа да вршат насилство врз легитимно избраните претставници на граѓаните, истакна пратеникот на СДСМ Миле Талевски, за емисијата „Утрински брифинг“ на Слободен печат.

Тој додаде дека единствена цел која што е од вчерашниот протест е нивната мака со притворањето на нивниот финансиер Јордан Камчев и осудителните пресуди за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да протестираат ќе го погледнат во очи пратеникот Зијадин Села, кој на 27 април беше со најсериозни физички повреди, на работ на смртта, запраша Талевски.

Тој нагласи дека тоталната безидејност и дезориентираност на ВМРО-ДПМНЕ ја покажува тоа што прават протест пред министерството за здравство и бараат оставка, а другиот ден протест на кој повеќето не носеа маски, прават кластер.

ВМРО-ДПМНЕ бара начин како да дојде на власт, а знаеме како владееше 12-13 години, да го хушкаат народот, да го раскараат по партиска, верска, секаква основа, за да се држи тензија во државата, а не да оди државата напред, рече Талевски.

Тој истакна дека сега патот на државата е трасиран, со членството во НАТО ни се обезбедени границите, стабилноста, перспективата е интеграција во евро-атлантските структури, и на тој пат нема никоја да не застане, најмалку Христијан Мицкоски и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со најавената интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса и Алтернатива и поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Талевски истакна дека таа е беспредметна, бидејќи работите наведени во неа се апсолвирани.

Се доведуваме во ситуација наместо да разговараме за антикризни мерки во Собранието, да губиме време на интерпелација, нагласи Талевски.

Пратеникот на СДСМ Миле Талевски ги повика пратениците од опозицијата, без кочење да се донесе шестиот пакет мерки, за да им се ублажи на граѓаните ударот од кризата, додавајќи дека досега се исплатени над милијарда евра помош во петте економски пакети.

На граѓаните им е преку глава од игрите што ги прави опозицијата, нагласи пратеникот на СДСМ Миле Талевски, за емисијата „Утрински брифинг“ на Слободен печат.