С. Македонија до јуни треба да добие 100.620 дози „Фајзер“

0
126

Стотина земји се најдоа на листата на Ковакс, за коишто доцни испораката на вакцини. Оптимистичките најави се дека вакцините, сепак, ќе пристигнат пред летото.
Северна Македонија е една од стотината земји коишто се најдоа на долгата листа на чекање на вакцините за масовна имунизација кои треба да пристигнат од глобалната програма Ковакс. По големиот застој изминатиов период, последните оптимистички најави се дека вакцините сепак ќе дојдат до почетокот на летото. Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово до јуни се очекува да добијат по 100.620 дози од вакцината Фајзер.

Околу 14,1 милиони дози вакцини против Ковид-19 од Фајзер е во план да се испорачаат во 47 земји во вториот квартал од оваа година, објави Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (Гави). Според објавениот распоред, Бразил, Колумбија, Мексико, Филипини, Јужна Африка и Украина ќе добијат најмногу од овие вакцини од глобалната програма Ковакс.

Во првиот круг се доставени 1,2 милиони дози Фајзер вакцини на 18 учесници во програмата. Во текот на вториот круг се доставени 237 милиони дози на вакцината „Астра Зенека“ до 142 учесници во програмата и испораката е во тек. Во последниот круг не се распределени вакцините за Црна Гора, додека Србија се очекува да добие 28.080 дози.

Земјите од Западен Балкан првите дози на вакцини против коронавирус преку системот Ковакс ги добијат во средината на март. Во Северна Македонија на 28 март годинава пристигнаа 24.000 дози вакцини од производителот „АстраЗенека“. Исто количество на вакцини беа испорачани и во Црна Гора. Босна и Херцеговина доби 26.400 дози вакцини „АстраЗенека“, како и 23.400 вакцини „Бионтек/Фајзер“. Исто така, се очекува на 22 или 23 април да пристигнат 81.600 дози вакцини „АстраЗенека“. Косово доби 24.000 дози „АстраЗенека“, а се очекува во рамките на програмата да добие вкупно 100.800 дози вакцини.

Поради компликации со појава на тромб кај 28-годишна девојка, Северна Македонија одлучи вакцината „АстраЗенека“ да ја користи само за имунизација на постарите лица и таа не се препорачува за оние под 60 години. Голем дел од граѓаните, сепак, се одлучија да заминат во соседна Србија и таму да ја искористат можноста за вакцинација со „АстраЗенека“.

Меѓународната програма за поделба на вакцини Ковакс досега има испорачано повеќе од 38 милиони дози на шест континенти, од три производители – „АстраЗенека“, „Фајзер/Бионтек“ и Институтот за серум во Индија.

И покрај тоа што не ги исполни очекувањата за испорака на вакцините во март и април годинава, Ковакс најавува дека ќе ги испорача потребните дози на сите земји коишто побарале вакцини во првата половина на годината. „Се соочуваме со застрашувачки предизвик, бидејќи сакаме да ја завршиме акутната фаза на пандемијата: ќе бидеме безбедни само кога сите се безбедни и нашите напори да се обезбедат потребните дози зависат од континуираната поддршка на владите и производителите на вакцини“, порача Сет Беркли, генералниот директор на Гави.

Ричард Хачет, извршен директор на Коалицијата за иновативна подготвеност на епидемии (ЦЕПИ) вели дека ова е значајна пресвртница во борбата против Ковид-19. „Соочени со брзото ширење на варијантите на Ковид-19, глобалниот пристап до вакцините е фундаментално важен за да се намали преваленцата на болеста, да се забави вирусната мутација и да се забрза крајот на пандемијата“, вели тој.

Извор: ДВ