СЈО на полноќ ги зеде документите од Централен регистар, од утрово мирно и без полиција

0
468

Рано утрово, истражителите на Специјалното јавно обвинителство и полицијата ја одзеле документацијата од Централниот регистар на Македонија, со што заврши и блокадата што ја имаше поставено полицијата околу објектот, во обид да се спречи изнесување на документи, објави порталот Сведок.

Во акцијата асистирале полициските Алфи, а бил обезбеден и судски налог по барање на СЈО за претрес.

Акцијата на полицијата и СЈО во Централниот регистар почна вчера пред крајот на работното време кога истражители на СЈО отишле во Централниот регистер да побараат документи кои им се потребни за водење на истрагите.

Но, во Централниот регистар не сакале да соработуваат кои одбиле да им дадат документи. Откако тие заминале, СЈО добило информации од луѓе во Централниот регистар дека се расчистува документацијата и се прави обид таа да се изнесе надвор од зградата.

По ова јавување, Специјалното јавно обвинителство побарало судски налог за претрес и полициска асистенција за да се спречи изнесувањето и уништувањето на документите.

Откако бил издаден налогот, полициските Алфи ја обезбедиле зградата на Регистарот и им овозможиле асистенција на истражителите кои ја барале потребната документација. Со полиција, на полноќ бил донесен и Директорот на Централниот регистар.

Подоцна им била дадена документацијата, по што полицијата и истражителите на СЈО се повлекле.

Утрово во Централниот регистар беше мирно, вработените доаѓаа на работа, сите шалтери беа отворени, но коментираа за тоа што се случувало ноќеска.

Екипата на Сведок направи обиколка на Централниот регистар и разговараше со вработените кои велат дека само што доаѓаат на работа и не знаат до кога биле истражителите ноќеска во зградата бидејќи не се виделе со колегите кои биле задржани за да ја подготват бараната документација.

Иако не се открива каква документација барале од СЈО, од тоа што го поседува Централниот регистар може валидност да има документација за сопственоста на фирми и оф шор компании од кои би можеле да се истражуваат „плацевите на Водно“, префрлање пари на разни сметки, но и годишните извештаи за остварен приход на компаниите меѓу кои и медиумите и политичките партии.

Во рамки на постапките за изборни злоупотреби, Катица Јанева најави дека водат истрага против три лица за злоупотреба на средства за изборна кампања, а за едно лице е наредено Посебна истражна мерка, следење и снимање.

И во својот извештај, но и во јавните настапи, Јанева неколку пати посочи институции кои одбиле да соработуваат со СЈО, но ова е прв случај со асистенција на полиција да се одземат документи и докази. Претходно, со полиција се вршеше претрес и во домот на полицаецот Муњир Пепич, осомничен дека бил главен во издавањето на нелегални лични карти.