Судската администрација најавува тридневен штрајк и протест пред Владата

0
557

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ) и Здружението за судска администрација на Р. Македонија (ЗСА) на 23, 24 и 25 март 2016 година, ќе одржат три дневен штрајк во сите Судови во Р.Македонија, кој е продолжение на предупредувачкиот штрајк од 03.12.2015 година и претставува следна фаза од барањата за измени на Законот за судска служба.

„Синдикатот на УПОЗ и ЗСА беа трпеливи и во неколку наврати ги пролонгираа роковите дадените до надлежните органи со надеж дека ќе бидат прифатени. За жал наидовме на незаинтересираност за изнаоѓање заедничко решение иако по предупредувачкиот штрајк од 03.12.2015 година, Министерството за правда беше одржана работна средба со Министерот и заменик министерот за правда и Претседателот и заменик претседателот на Судскиот совет и беше ветена соработка.

На оваа средба се расправаше за барањата кои беа изнесени на предупредувачкиот штрајк и беше договорено формирање работна група, составена од претставници на Синдикатот на УПОЗ, ЗСА и Судскиот совет. Работната група подготви нов предлог текст на Законот за судска служба во кој беа опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА.

Подготвениот предлог текст на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано итно разгледување на истиот, прифаќање на предлозите и отпочнување постапка за усвојување нов текст на Законот за судска служба. Но, оттогаш до денес, Министерството за правда ги проби сите рокови и не се произнесе по предлозите.

Поради горе наведеното Синдикатот на УПОЗ и ЗСА се одлучија да организираат три дневен штрајк, а на 25.03.2016 година, ќе биде организиран протест пред Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација кој ќе заврши пред Владата на Р. Македонија.

Синдикатот на УПОЗ и ЗСА покрај веќе истакнатите барања за измена на Законот за судска служба со овој штрајк ќе побараат и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5% на јавната администрација и враќање на работното време од 07:30 до 15:30.

Воедно Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ги повикуваат и сите останати службеници засегнати од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници да ни се приклучат на овој протест“, стои во соопштението до јавноста.