Велковски го водеше првото судење за пожарот во модуларната болница, кога во јуни 2023 година, поранешниот медицински директор на тетовската болница и поранешниот економски директор беа осудени на условна затворска казна од 1 година и 6 месеци, докторот што беше одговорен за Ковид центарот беше ослободен од обвинението, додека на тетовската болница и беше изречена казна од 1 милион денари.
Судијата Јордан Велковски, кој го водеше повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово, се повлекол од предметот. Од тетовскиот суд велат дека тоа се случило на негово барање од здравствени причини, меѓутоа Велковски има многу други рочишта на календарот на рочиштата на судот, пишува Порталб.мк.
По четири одложени рочишта за повторното судење за предметот за пожарот во модуларната болница што го водеше судијата Јордан Велковски, на петтото рочиште на чело на предметот дојде судијата Реџеп Муса.
Oд тетовскиот суд велат дека Велковски се повлекол од предметот поради здравствени причини. „По разгледување на вашето барање, Основниот суд Тетово Ве известува дека по барање на судијата Јордан Велковски од здравствени причини, со одлука, предметот за модуларната болница според АКМИС системот е доделен на друг судија“, велат од тетовскиот суд за Порталб.мк.
Но, од судот не одговорија дали Велковски се повлекол и од другите предмети. Судот не ни достави ниту контакт информации од судијата Велковски. Од друга страна, според судскиот календар, Јордан Велковски има многу исполнета агенда на рочишта.
