Сугарески: Преку 15 милиони евра за изградба на водоводи и канализации за следната година

0
222

Го зголемуваме средствата за изградба на водоводи и канализации за следната година и само преку Министерството за транспорт ќе се вложат преку 15 милиони евра за комуналната инфраструктура, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, при денешната посета на општина Теарце.

Министерот заедно со градоначалникот на општината, извршија увид во реконструкција на водоводната мрежа во општината, проект кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски.

Вредноста на инвестицијата е 16,4 милиони денари, а ќе се изврши комплетна замена на водоводна мрежа во должина од 12, 2 километри.

“Владата, а посебно ние како ресорно министерство, силно сме фокусирани на подобрување на животот на граѓаните токму преку изградба на водоводни и канализациони системи.

Денеска сум присутен во општина Теарце, каде работиме на проект со кој ќе се изврши комплетна замена на дотраената водоводна мрежа во должина од 12 километри. Знаеме со какви тешкотии до сега се соочуваа жителите на Теарце, но со реализација на овој проект значително ќе се подобри живеењете овде.  Силно сме фокусирани на комуналната инфраструктура, само во овој момент активно работиме на 28 проекти,  7 проекти со во фаза на тендерирање, а дури 20 проекти ги подготвуваме да ги објавиме за тендерирање”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, истакна дека со реализација на проектот значително ќе се подобри водоснабдувањето во општината, особено во летните периоди кога потрошувачката е голема.

“ Верувам дека со овој проект конечно ќе го надминеме проблемот со водоснабдувањето, и затоа уверувам дека жителите на Теарце можат да бидет спокојни бидејќи ќе добијат поквалитетни количини за вода, истакна градоначалникот Асани.