Сугарески: Не сум криминалец, не може да се оцрнуваат функционери без основ

0
488

Не сум криминалец и нема да дозволам да се стави ниту една дамка на мојот мандат, реагира министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, откако Комисијата за спречување на корупција побара Уставниот суд да се произнесе околу законски член за денационализација, поврзано со продажбата на земјиштето спроти Холидеј Ин.

„Барам да се чешла секоја запирка и точка од постапката за продажба. Се е спроведено законски, има позитивно мислење од Државното Правобранителство и целокупната документација беше на слободен увид на сите заинтересирани медиуми и новинари“, напиша Сугаревски на фејсбук.

Тој истакна дека ваквото однесување на антикорупционерите е уште една потврда за силниот демократски капацитет на СДСМ, што, според него, било незамисливо за време на претходната власт.

„Дали и што ќе се гради на парцелите кај Холидеј Ин не е и не може да биде надлежност на Министерството за транспорт и врски, туку на општината Центар која одлучува за висината, ширината и големината на објектите кои ќе се градат. Колку што знам ДУП-от за овој дел од Центар е донесен во 2012 кога ДПМНЕ беше власт и на локално и на централно ниво“, порача министерот.

Тој посочи дека пред Комисијата ја доставиле целата документација и одговориле на сите прашања.

„Не прифаќам и не се согласувам со пристапот да се прават медиумски сензации и да се оцрнуваат јавни функционери без никаков правен основ. Едно е да се утврдат неправилности и незаконски постапки, а сосема е друго да се оценува целисходноста на одредени законски решенија. Ние решаваме предмети согласно постоечките позитивни законски прописи, а не врз основа на лични уверувања и претпоставени идни законски измени“, истакна Сугаревски.