Сугарески: Инвестираме преку 1 милијарда евра во инфраструктурата

0
739

„Инвестираме преку 1 милијарда евра во целокупната инфраструктура во земјата. Станува збор за најголемите инвестиции направени било кога досега“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Свети Николе.

При посетата на општината, министерот Горан Сугарески, заедно со градоначалникот Сашо Велковски, изврши увид во градежните работи за изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии во повеќе населени места во Свети Николе.

Проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во општината е со вредност од околу 14 милиони денари. Градежните работи започнаа во месец април и се очекува да завршат за околу 2 месеци.

„Оваа Влада максимално одговорно и посветено работи на подобрување на животот во секое населено место. Граѓаните можат и сами да забележат дека низ целата држава активно се градат патишта, водоводи и канализации, ја гасифицираме земјата, градиме социјални станови и реализираме ред други проекти и покрај здравствената криза со која се соочуваме. Само во Источниот регион инвестираме околу 100 милиони евра во инфраструктурни проекти, а граѓаните на Свети Николе најдобро можат да сведочат за нашите заложби.

Ќе споменам само дел од проектите во Свети Николе и околината: го изградивме автопатат од Скопје до Штип, работиме на подобрување на водоводните и канализационите линии низ градот, градиме 48 социјални станови во Свети Николе, годинава ќе го рехабилитираме патот од Горубинци до Сушица, активно ги градиме двата експресни патишта од Штип до Кочани и до Радовиш, а Министерството за транспорт и врски обезбеди 850 илјади евра за санација и изградба на локални патишта и улици во Свети Николе.

Јасно е дека се наоѓаме сред силна градежна сезона, работите на терен насекаде се интезивирани, а во следниов период нè чекаат нови проекти со што очекуваме раст на градежништвото и излегување од економската криза која настана како последица на корона вирусот“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека со донесувањето и на третиот пакет економски мерки со вредност од 355 милиони евра и чија цел е директна поддршка на 730 илјади граѓани, Владата обезбедува вкупно 550 милиони евра за стимулирање на економијата, поддршка на домашното стопанство, задржување на работниците во работен однос и создавање можности за отворање на нови работни места.