„Студентски пленум“ денеска ги повика студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) утре во 12 часот да излезат на платото на УКИМ и да се приклучат во блокадата на студентските избори, пренесува „Мета“.
Тие велат дека студентите имаат право да спречат избори кои се нелегални и нелегитимни.
– Потсетуваме дека блокадата не е кривично дело како што претходно пренесоа некои медиуми. Ние сите сме членови на Студентски парламент и како такви, обесправени сме прво во делот да кандидираме наш кандидат, потоа да имаме пристап до правните акти што ги регулираат изборите, пристап до Собранието и до состаноците на Студентскиот парламент – велат од „Студентски пленум“.
Оттаму соопштуваат дека е формирана комисија од неколкумина професори, двајца претставници од Студентски парламент и од двајца претставници од „Студентски пленум“ кои треба да подготват предлог-текст за измени на статутот на УКИМ во делот на студентското организирање.
– Сметаме дека студентите имаат апсолутно право да спречат избори кои се нелегални и нелегитимни, осебено земајќи предвид што комисија почна со работа и во краток рок до 15 септември треба да понуди предлог-текст до Сенатот за измени на статутот на УКИМ во делот на студенското организирање – изјавија од пленумот.