СТОЈКОВСКИ : ПОДНЕСОВМЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ И ЗА ОТПАДОТ КАЈ ОРМАН И ЗА СЛУЧАЈОТ ВО КАЛИШТЕ

0
336

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски, на прес-конференција соопшти и за проблемите со кадровската екипираност, дека Инспекторатот работи со 24 инспектори, што е само 52,8 отсто од потребниот кадар.

На крајот на декември Државниот инспекторат за животна средина поднел две кривични пријави. Едната е поднесена на фирмите „Рецикл еко старт“ и „Сатус“ ДОО за загрозување на животната средина и природата со отпад по член 230 став 2 од Кривичниот законик. Како што објасни директорот на ДИЖС Сретен Стојковски на денешната прес-конференција, на фирмата ѝ е даден рок од 60 дена да го врати отпадот на локацијата на „Рецикл еко старт“, а во меѓувреме е задолжена да направи и протокол за враќање на опасниот отпад на посочената локација во општината Чучер Сандево. Станува збор за околу 500 до 600 тони згура од преработка на акумулаторски батерии откриен на земјиште во селото Орман во општината Ѓорче Петров

Втората кривична пријава се однесува на непознат сторител, кој на локација во селото Калиште, Струга, на брегот на Охридското Езеро фрлил земја, ја тампонирал и ја оштетил трската, со што направил кривично дело убивање или уништување дива флора и фауна според член 232-а став 1, уништување живеалишта по член 233-а став 1, 2 и 3 и узурпација на недвижноста член 255 став 1 и 2 од Кривичниот законик.
Во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух, Стојковски посочи дека имало неколку надминувања на прагот за алармирање на повеќе мерни места во Скопје и низ државата.

ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ПОСТАПУВА ИСКЛУЧИВО ПО НАСОКИ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ЗНАЧИ МИНИСТЕРСТВОТО ГО ИНФОРМИРА ИНСПЕКТОРАТОТ ВО ОДНОС НА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРАГОВИТЕ ЗА ИНФОРМИРАЊЕ И ПРАГОВИТЕ ЗА АЛАРМИРАЊЕ. НАДМИНУВАЊЕТО НА ПРАГОВИТЕ ЗА АЛАРМИРАЊЕ Е ВРЗ ОСНОВА НА УРЕДБАТА ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНА НА ГРАНИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА НИВОА НА ЗАГАДУВАЧКИ МАТЕРИИ КАДЕ ШТО ИМАМЕ НАДМИНУВАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ ОД 150 МИКРОГРАМИ НА МЕТАР КУБЕН ВО ТЕКОТ НА ДВА ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ ДЕНА – ОБЈАСНИ ДИРЕКТОРОТ НА ДИЖС.

Според него, секоја година во декември и во јануари се повторува надминување на прагот на алармирање во Струмичката и Скопската котлина и во Кичево.

ПОРАДИ НАДМИНУВАЊЕ НА ПРАГОТ НА АЛАРМИРАЊЕ СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ НА ВЛАДАТА, ДИЖС ИЗЛЕЗЕ НА СИТЕ ЛОКАЦИИ КАДЕ ШТО ИМА ИНСТАЛАЦИИ СО А-ИНТЕГРИРАНИ ЕКОЛОШКИ ДОЗВОЛИ, ТАКА ШТО НА 21, 23 И 24 ДЕКЕМВРИ 2023 СЕ НАПРАВЕНИ КОНТРОЛИ НА СИТЕ ПЕТ А-ЕКОЛОШКИ ДОЗВОЛИ ШТО СЕ НАОЃААТ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА СТРУМИЦА. ДЕЛ ОД НИВ НЕ РАБОТЕА, А ОНИЕ ШТО РАБОТЕА, ИМАА НАПРАВЕНО МЕРЕЊА ОД АКРЕДИТИРАНА ЛАБОРАТОРИЈА И МЕРЕЊАТА СЕ ВО ДОЗВОЛЕНИТЕ ГРАНИЧНИ ВРЕДНОСТИ. ВО ПЕРИОДОТ НА НАШИОТ НАДЗОР НЕ РАБОТЕА НИТУ ДВЕТЕ АСФАЛТНИ БАЗИ – РЕЧЕ СТОЈКОВСКИ.

Инспекциски надзори се направени и во деновите кога се надмина прагот на загадување во Скопје во повеќе големи фирми што имаат А-интегрирани дозволи. Цементарница „Усје“ го прифатила укажувањето и препораките од Министерството за животна средина и го намалила капацитетот на работа за 50 отсто и од 1 јануари работи само печката број 4, додека печката број 3 е запрена поради ремонтни активности. Цементарница ги доставила до Инспекторатот сите мерења што се однесуваат на целодневните концентрации и концентрациите по часови на сите десет мерни точки. Инспекторите утврдиле дека мерењата покажуваат намалување кое се движи до 60 отсто.

ПО ПРИЈАВА НА ГРАЃАНИ ОД ОПШТИНАТА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДЕКА ОД ГАРАЖИТЕ НА ЈСП ИЗЛЕГУВА ЦРН ЧАД, ВЕДНАШ Е СТАПЕНО ВО КОНТАКТ СО ОДГОВОРНИТЕ ВО ЈСП И Е ЗАПРЕН ПРОЦЕСОТ НА ГРЕЕЊЕ, НАПРАВЕНИ СЕ ПОПРАВКИ НА КОТЕЛОТ И СЕ ЗАДОЛЖЕНИ ДА НАПРАВАТ МЕРЕЊА ОД АКРЕДИТИРАНА ЛАБОРАТОРИЈА. ИНФОРМИРАНИ СМЕ ДЕКА ЈСП СКОПЈЕ ВО АВТОКОМАНДА НАПРАВИ МЕРЕЊА КОИШТО ПОКАЖАА ЗАДОВОЛИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ – ПОСОЧИ СТОЈКОВСКИ.

Вонреден инспекциски надзор е направен и во Дрисла на 28 декември. Претпријатието најавило дека на 4 јануари ќе изврши горење на опасен медицински материјал, но во консултации со инспекторите горењето е одложено поради аерозагадувањето.

Инспекциски надзори се направени и во комплексот Железара каде што има повеќе фирми со А-интегрирана дозвола. При увидот во документите од мерењата направени на асфалтната база на „Улици и патишта“, која моментално не работи, е утврдено дека има поголеми концентрации на прашина, така што претпријатието е задолжено во рок од 45 дена од пуштање во производство да направи мерења и да ги достави до инспекторатот.

На прес-конференцијата Стојковски соопшти и за проблемите со кадровската екипираност, дека работат само со 24 инспектори, што е само 52,8 отсто од потребниот кадар. Директорот нагласи дека Министерството за финансии не им го прифатил годишниот план за вработување, со кои планирале да се вработат уште двајца инспектори. Што се однесува до буџетот со кој располага Инспекторатот во 2024 година, тој изнесува 35,7 милиони денари, односно 600.000 денари помалку отколку минатата година.