Стојанче Ангелов/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ
Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, оцени дека предлог-законот за бранители поднесен од пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, е неприменлив и претставува „политички маневар за дневнополитички цели“.
– Законот е злоупотребен, маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден – денес не се обесштетени, маката на воените инвалиди кои до ден-денес не се обесштетени, се ставени во дневна политика, нешто што досега се избегнуваше од страна на претходната опозиција, а сегашната власт – ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кога оваа иницијатива влезе во собраниска процедура минатата година ВМРО-ДПМНЕ не ја експлоатираше како дневна тема, рече Ангелов во „Тема на денот“ на „Сител“, одговарајќи на прашањето како дојде до тоа 23 години по конфликтот од 2001 година, Законот за правата на бранителите да биде нешто што ѝ се заканува на иднината на владината коалиција.
Ангелов рече дека со законските решенија за кои тие се залагаат, примарна цел е праведно обесштетување на 15-тина се уште необесштетени семејства на загинати бранители и 10-тина воени инвалиди. Втораа цел се сите бранители, бидејќи сите македонски бранители кои ја бранеа татковината во 2001 година, имаат право на неколку макар и симболични права со кои државата ќе даде признание за тоа што го напрвиле и третиот момент е можното одликување од страна на претседателот на државата и врховен командант, кое беше најавувано во предизборната кампања, рече Ангелов.
Во однос на подготовката на предлог-текстот на законот, што лани беше поднесен на иницијатива на „Достоинство“, а за кој пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска изјави дека бил изготвен во нејзиниот кабинет додека била на функцијата министерка за одбрана, во координација со Ангелов, претседателот на „Достоинство“ изјави дека тоа тврдење не е точно, посочувајќи дека таа била информирана и давала поддршка, но оти законот е подготвен од „Достоинство“.
– Овој закон (кој сега е поднесен од нејзина страна) во суштина ги содржи елементите на законот од 2008 година бидејќи се работи за стар проблем, обесштетување на необесштететни воени инвалиди. Да, таа беше запознаена и даваше поддршка, но начинот на кој што излезе со овој нејзин предлог во наводници за бранителите во кој има се само нема бранители.
Затоа што во јавноста постои една забуна и се мисли дека во овој предлог се опфатени првата на бранителите. Во верзијата која ја предлозжи пратеничката Петровска ние ги имаме необесштетените семејства кои што и јас барав да бидат обесштететени, и неколку воени инвалиди. И покрај тоа таа невешто овде ги ставила и загинатите од двете хеликоптерски несреќи – армиската кај Катлановско Блаце, полициската кај Струмица, авионската несреќа од 2004-та кај Мостар во која загина претседателот Борис Трајковски, Диво насеље и една општа клаузула, сите загинати припадници на безбедносните сили од 1991-ва до денес. За почеток таа треба да знае дека Уставот не препознава безбедносни сили, во Уставот постојат вооружени сили, вели Ангелов.
Според него, доколку била искрена во намерит,е најдобро би било Петровска да го предложела истиот закон кој остана заглавен во собраниска процедура уште во преходниот парламентарен состав, оти со сегашниот предлог таа создала проблем каде го нема, бидејќи загинатите од Диво насеље, посочи, веќе биле обесштетени. Како недостаток на предлогот на Петровска, тој го посочи и тоа што тој е неспроведлив, бидејќи дефиницијата на припадници на вооружени сили во член 2 од Предлог законот ги исклучува загинатите во хеликоптерските и во авионската несреќа.