Стеснет кругот на кандидати за специјален јавен обвинител

0
998
Кругот на кандидати за специјален јавен обвинител е стеснет и се очекува тој навреме да биде избран, дознава агенцијата „Мета“ од политичките партии кои се вклучени во работните групи за Договорот од Пржино. Според Договорот, личноста што ќе ја преземе оваа функција треба да добие „амин“ од четирите политички партии, треба да биде избран до 15 септември, а ќе биде клучен за идниот политички дијалог отпочнат од Пржино.
e75dd9955407ad7f1c238e520276f85c_L
Дека изборот на специјален јавен обвинител е при крај, потврдуваат и последните изјави на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.
Заев вчера изјави дека пратениците на СДСМ на 1 септември ќе го прекинат бојкотот и ќе се вратат во Собранието и додаде дека „Договорот од Пржино ќе резултира со серија законски предлози кои СДСМ ќе ги гласа“.
„На 1 септември се враќаме за да го усвоиме законот за специјалниот обвинител, врз основа на кој ќе биде избран специјалниот обвинител. Овој закон е клучен во целиот процес, бидејќи од неговата содржина и надлежност ќе зависи и кандидатот што ќе биде избран на оваа позиција“, изјави Заев за „Утрински“.
Како што пишува весникот, Заев не сакал да ги соопшти имињата на правните експерти што за опозицијата би биле прифатливи за функцијата специјален обвинител. Тој изјавил дека специјалниот јавен обвинител треба да биде заеднички избор на четирите политички партии, поради што не може предвреме да шпекулира со имиња.
Груевски, пак, викендов изјави дека доколку опозицијата е конструктивна, навреме ќе заврши процесот за избор на специјален јавен обвинител и на состав на ДИК.
Враќањето на СДСМ во Собранието и изборот на специјален јавен обвинител се дел од договорот што четворицата лидери, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, го постигнаа под покровителство на меѓународната заедница.
Инаку, до 15 септември Македонија првпат во својата историја ќе треба да добие специјален јавен обвинител, нова привремена институција. Дотогаш ќе треба да се смени законот, да се донесе буџетот на новата институција, кадровски да се опреми, да се процени дали на специјалниот обвинител ќе му треба и специјален суд…
Главната задача на специјалниот обвинител ќе биде да ги разјасни сите сомневања што се отворија со објавувањето на аудиоснимките од прислушуваните телефонски разговори и да го разјасни случајот „Пуч“.
Она што е јасно е дека новиот специјален обвинител ќе треба да има целосна политичка поддршка од партиите, свој тим и пари и нови законски решенија. Освен Законот за јавно обвинителство, ќе треба да се интервенира и во законите за царина, за НБМ, за девизно работење, за финансиска полиција..
Министерот за финансии, Зоран Ставревски, неодамна изјави дека во буџетот има доволно средства за новиот специјален јавен обвинител. Експертите веќе предупредуваат дека за успешна работа на новиот обвинител ќе треба да се формира нов судски оддел, во кој ќе се процесуираат сите случаи што ќе бидат поведени од специјалниот јавен обвинител.
Според извори од опозицијата, ако до 14 септември партиите не успеат да се усогласат кој да биде на оваа важна функција, според договорот од Пржино, специјалниот јавен обвинител ќе биде назначен од ЕУ и САД.
Пред десетина денови почнаа разговорите за ваков обвинител, а од понеделник интензивно ќе продолжат низ работните групи со посредство и на Џејмс Хамилтон, кој е задолжен како олеснувач токму за ова прашање.