СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОСЕТИ ПРИПАДНИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ КОНТИНГЕНТ ВО РАМКИ НА КФОР ВО КОСОВО

0
245

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Република Косово, денеска во Пеќ престојуваше во посета на Регионалната Команда – Запад на КФОР, кадешто се сретна со припадниците на македонскиот контингент и оствари средба со командантот на Регионалната Команда – Запад, полковник Франческо Ферара.

На средбата со припадниците на македонскиот контингент во мисијата „КФОР“ кадешто се распоредени 65 припадници на нашата армија се разговараше за нивните обврски и должности во извршувањето на задачите, како и за нивните тековни активности.

Пендаровски оддаде признание за професионализмот и посветеноста со која нашите војници ги извршуваат поставените барања и задачи и посочи дека тие ја претставуваат честа, професионалноста и моралот на сите припадници на македонската армија.

Тој нагласи дека нивната мисија има и додадена вредност, затоа што служат во земја која е наш сосед и пријател и со која не врзуваат длабоки историски, културни и економски врски, при што порача дека нивното присуство во Косово уште повеќе ги продлабочува и јакне тие односи.

На средбата со командантот на Регионалната Команда – Запад, полковник Франческо Ферара, претседателот Пендаровски беше информиран за целите и за севкупните активности на оваа команда во поддршка на мирот и безбедноста во Република Косово.