Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска прими делегација на Сојузната здружена команда на НАТО во Неапол, предводена од адмирал Стјуарт Манч, кој со своите колеги престојува во земјава по повод 5 –годишнината од членството на нашата држава во НАТО. На средбата присуствуваше и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Истакнувајќи ја својата благодарност за нивното присуство на значаен јубилеј за државата, претседателката Сиљановска – Давкова истакна дека од двете стратешки цели за кои постоеше консензус, првата – НАТО е реалност, а не гледа причина и втората – ЕУ да не се оствари.
И во овој тежок и тажен период низ којшто поминуваат македонските граѓани, како што рече, за нас беше многу важно да знаеме дека не сме сами и дека нашите пријатели, меѓу кои и НАТО, и во најтешките моменти се со нас.