СРЕДБА НА МИНИСТЕРОТ МУРТЕЗАНИ СО ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДОРКА ЏАНЕЛ

0
49

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џанел. Посакувајќи ѝ успешен мандат, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната политичка, економска и развојна поддршка, која што Холандија ѝ ја пружа на Северна Македонија.

Една од клучните теми на средбата беше одличната соработка во рамките на програмата MATRA за владеење на правото, која е од суштинско значење поради нејзиниот фокус на зајакнување на демократијата и владеењето на правото – клучни области за напредокот на Северна Македонија на патот кон членството во Европската Унија. Министерот Муртезани ја нагласи важноста на оваа соработка и го потенцираше позитивното влијание кое таа го има врз реформските процеси во земјата.

На состанокот, Муртезани и Џанел ја разгледаа и успешната соработка помеѓу Северна Македонија и Холандија во рамките на проектите на IPA Twinning. Холандија е водечки партнер во седум од деветте заеднички Twinning проекти меѓу двете земји, покривајќи различни области од заемен интерес. Муртезани ја потврди подготвеноста за продолжување и понатамошно проширување на оваа соработка, вклучително и преку инструментот TAIEX, особено во области кои директно придонесуваат за европската интеграција на земјата.