СРЕДБА НА ГРКОВСКА СО ПРЕТСТАВНИЦИ ОД АМЕРИКАНСКАТА СТОПАНСКА КОМОРА : ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ОПШТЕСТВОТО Е МНОГУ ВАЖНА ЗА НАШАТА ДРЖАВА И ЗАТОА Е ПОТРЕБНО ДА СЕ ИМА СТРУКТУРИРАН ПРИСТАП

0
203
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше работна средба со делегација на Американската стопанска комора (АмЧам) составена од Јелена Арсовска извршен директор, Андреј Петрески претседател на Комитетот за дигитална трансформација, Гоце Митевски и Димитар Јаневски членови на Комитетот, како и Јордан Димитровски, член на Одборот на директори на АмЧам, на која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на процесот на дигитална трансформација на општеството.
Вицепремиерката Грковска информираше за тековните проекти поврзани со дигиталната трансформација на општеството кои се спроведуваат во нашата држава, но и проектите што треба да се реализираат со цел да се обезбеди оптимизација на процесите и нивно дигитализирање. Нагласи дека многу е важно да се направи и стандардизација на процесите, за да се овозможи ефикасен и координиран пристап кој ќе даде брзи резултати.
На средбата, како приоритети при процесот на дигитална трансформација беа истакнати сајбер безбедноста, стандардизација на процесите за дигиталната размена на документите меѓу институциите, закон за архивско работење со кој ќе се стандардизираат процесите за архивирање на дигиталните документи, а посебен акцент беше ставен и на ИКТ инженерите и изнаоѓање на соодветен модел кој ќе овозможи нивно задржување во системот.

Претставниците на Американската стопанска комора изразија подготвеност за соработка и оценија дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава и затоа е потребно да се има структуриран пристап, кој ќе биде координиран од Владата на Република Северна Македонија.

На состанокот беше заклучено дека поддршката во процесот на дигитална трансформација на општеството е особено значајна, посебно во делот на јакнење на капацитетите на институциите и во таа насока беше договорено да има тесна меѓусебна соработка со цел размена на идеи и искуства.