СРЕДБА ГРКОВСКА – МЕКАРТИ : НЕОПХОДНО Е УНАПРЕДУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

0
107
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше средба со Пол Мекарти, директор за Европа во Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на која се разговараше за продлабочување на соработката во делот на спроведување на политики за добро владеење.
На состанокот, на кој присуствуваше и резидентниот директор на канцеларијата на ИРИ во Скопје Кристофер Бренан, особено стана збор за потребата од унапредување на финансиската транспарентност на политичките партии, како и јакнење на принципите за добро владеење.
Вицепремиерката Грковска истакна дека важен елемент во одговорното владеење е одвојувањето на државата од политичките партии и на локално и на централно ниво. Таа истакна дека избраните и именуваните функционери имаат обврска да работат во интерес на граѓаните и во ниту еден момент не смеат да дозволат испреплетување или злоупотреба на државните активности во партиски цели.
Во однос на финансиската транспарентност на политичките партии, двајцата соговорници се согласија дека има простор за напредок и нагласија дека тоа е обврска што политичките партии ја имаат кон своите избирачи.
На состанокот беше потврдена определбата за продлабочување на меѓусебната соработка преку конкретни проекти кои ќе овозможат јакнење на демократските принципи и стандарди, во интерес на одговорно и отчетно владеење.