СРЕДБА ВУЧИЌ – КУРТИ ВО БРИСЕЛ, ЦЕЛ БАЛККАН ЧЕКА ДОГОВОР

0
533

Лидерите на Србија и на Косово денес треба да разговараат во Брисел. На агендата е Договорот за нормализирање на односите меѓу двете страни.САД целосно го поддржуваат предлогот на ЕУ и очекуваат напредок од средбата. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел е домаќин на средбата меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тие со месеци разговараат за договорот под дипломатски притисок на ЕУ и САД.

Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најпрвин, од попладнето, ќе разговараат одделно со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка средба. Ниту Србија, ниту Косово, ниту Европската унија (ЕУ) не го објавија текстот на договорот. Но, од ЕУ соопштија дека договорот вклучува взаемно признавање на официјални документи, зголемена финансиска помош и други мерки за подобрување на животот на луѓето и во Србија и во Косово.Во документот не се споменува експлицитно меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Косово.