Србија ќе ја отвори границата со Македонија на 1 јуни, влез со ПЦР тест не постар од 72 часа и потврда од амбасада

0
252

Владата на Република Србија на денешната седница го усвои протоколот за влез на граѓаните на Србија и на странските државјани во Република Србија, во согласност со епидемиолошката состојба и заштитата на населението од заразна болест КОВИД-19, соопштија од владината прес служба.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, државјаните на Србија можат да влезат во Србија и да се движат без ограничувања со негативен ПЦР тест на коронавирус, не постар од 72 часа. Доколку немаат направено тест со негативен резултат, сите српски граѓани, без исклучок, ќе треба да бидат во домашна изолација 14 дена.

 

-Што се однесува до странските државјани, тие можат да влезат во Република Србија под два услови – негативен ПЦР тест за коронавирус не постар од 72 часа и потврда издадена од комисија составена од претставници на Министерството за здравство, Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Министерството за надворешни работи и Министерството внатрешни работи. Овој сертификат може да се добие во српската амбасада или конзулат во земјата од која доаѓа странскиот државјанин, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека Кризниот штаб за заштита на јавно здравје од заразни болести КОВИД-19 и препорачал на Владата целосно да ги отвори границите за граѓаните на 4 соседни земји – Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.