СРБИЈА ПРВА НА ЛИСТАТА НА ЦИА ПО СТАПКА НА СМРТНОСТ ОД 229 ДРЖАВИ ВО СВЕТОТ – МАКЕДОНИЈА Е НА 42 МЕСТО НА ЕВРОПСКАТА ЛИСТА

0
156

На првите десет места по смртност и во светот и во Европа по Србија се: Романија, Литванија, Летонија, потоа Бугарија, Украина, Русија, Естонија, Белорусија и Хрватска

Според листата на ЦИА, на која се споредуваат 229 земји во светот, но и поединечно по континенти, според овогодинешната анализа, Србија е убедливо на прво место по стапка на смртност. Србија има коефициент од 16,39 смртни случаи на 1 000 жители годишно, пишува Данас.

Тој коефициент, посочуваат во текстот, се пресметува како просечен годишен број на смртни случаи на 1 000 жители во средината на годината.

На првите десет места по Србија се: Романија, Литванија, Летонија, потоа Бугарија, Украина, Русија, Естонија, Белорусија и Хрватска. Сите овие земји се европски, па затоа истата група ги зазема првите десет места на листата на европски земји со најголема смртност.

Кога станува збор за листата за Европа, земјите од поранешните југословенски републики се во подобра позиција: Хрватска е на 10 место, Словенија на 28, Црна Гора на 30, Босна и Херцеговина на 32, а Северна Македонија на 42 место на листата, пренесува Данас.

Српските експерти и еколошките здруженија ги поврзуваат овие поразителни бројки со високото загадување на воздухот, водата и земјата. Загадувањето на воздухот е одговорно за смртта на речиси еден милион деца помлади од пет години секоја година во светот. Според податоците на СЗО, загадениот воздух е причина за 25 проценти или 2,4 милиони од сите смртни случаи од срцеви заболувања во светот, за 24 проценти (1,4 милиони) од сите смртни случаи предизвикани од мозочен удар, како и за 43 проценти (1 .8 милиони) од сите смртни случаи од белодробни заболувања и рак на белите дробови.

Бојан Симишиќ, активист на здружението Екостража, објаснува дека експертите и активистите не можат да се потпрат на Батут како кредибилна институција, на која можат да се потпрат за официјални податоци.